ДЕСКОСКА : НА 27-МИ АПРИЛ СЕ ВИДЕ ПОДЕЛБАТА НА ЛУЃЕ И НЕЛУЃЕ

0
1573
27.04.2017 – Крвавиот четврток – е ден кој ќе биде запаметен како најцрниот ден во парламентарната демократија, како денот кога насилници влегоа во Собрание да убиваат, да тепаат, да сеат страв, да предизвикаат терор со единствена цел – да не дојде до промена на власта.

27-ми април остави не само лична траума за сите кои беа во Собрание и нивните семјества, туку и општествена траума.

На 27-ми април се виде поделбата на луѓе и нелуѓе: луѓе – со човечко срце, спремни да помогнат, спремни да застанат пред насилниците и да го бранат човечкиот живот и нелуѓе – спремни да организираат тепање и убивање заради останување на власт, нелуѓе – спремни да оправдуваат или поттикнуваат насилството заради зачувување на своите привилегии и парични приливи и нелуѓе – спремни да тепаат заради туѓи привилегии.

Амнестијата без процес на заедничко утврдување на фактите, извинување и помирување беше грешка. На тој начин проблемот се турна под тепих, а линиите на поделба останаа.

27 април и понатаму останува како ден на поделба, ден на траума, но и ден – потсетник на еден чин на голема манипулација со луѓето незаконски да влезат во Собрание, а некои и да учестуваат во тепањето во Собранието. Поттикнати од сејачи на омраза – профитери („аналитичари“, професори и друг тип на наводни интелектуалци), некои од нив до ден денес ги чувствуваат последиците од своите грешки, додека вистинските организатори и поттикнувачи продолжија со својот живот и со уживање на благодетите.

Затоа 27 април треба да биде опомена за сите, да не дозволат никогаш, во ниедна прилика да бидат изманипулирани за „туѓи бели дворови“.

И покрај тоа што контекстот на Рацин е друг, сепак, надвор од тој контекст, некако ми одѕвонуваат неговите стихови:

„За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!“
Фејсбук статус на професорката Рената Дескоска.