Демант од Хотел Мизо : Миле не ни вршеше притисок, демантираме!

0
2189

До порталите: Доказ и Народен глас

Демант од Хотел Мизо

Во врска со текстот под наслов „Миле има имот во Охрид, ама има и големи апетити“, сакам да Ве информирам дека во Вашиот крајно тенденциозен текст, полн со невистини и измислени изјави, ме доведувате во ситуација да побарам правна заштита поради нарушување на угледот на хотелот Мизо, но и угледот на концесионерот на земјиштето кој стопанисува со хотел Мизо.

За да Ви биде појасно, Ве информираме дека, имотот за кој зборувате е под концесија, а концесијата за него ја имам јас – Музафер Рашид – Мизо. Тоа можете да го проверите во надлежните институции.
Објектите кои се објавени на сликите на Вашиот портал во спорниот текст, се објекти во кои имам вложено како концесионер. Најостро демантирам дека Миле Јанакиески или другите лица споменати во спорниот текст имаат сопственост врз објектите. А уште помалку пак некој вршел притисок за да ги добие.

Дополнително, не знам од кои причини сте доведени во ситуација да измислувате изјави дека сум се пожалил на притисок и да објавувате информации кои се целосно невистинити. Но, знам дека која и да е Вашата цел, таа е крајно нечесна, а за професионалност од Ваша страна очигледно не може да стане збор. Доколку имавте барем малку професионалност тогаш пред да ја објавите оваа лажна информација прво ќе се обидевте да ја проверите.
Затоа, од Вас барам да се извините и да ги демантирате лагите што ги објавивте, и да наведете дека сте напишале изјава која јас не сум Ви ја кажал.

Во иднина, Ве советувам, моето име и името на хотелот Мизо да не ги доведувате во врска со ниту еден политичар без разлика на која политичка партија припаѓа и секоја информација поврзана со нашиот хотел да ја проверите.

Воедно Ве информирам дека во хотелот Мизо, гости се домашни и странски туристи, и најголемиот дел од нив , со оглед на професионализмот и квалитетот на услугите што ги нудиме секоја година се враќаат во нашиот хотел. Меѓу нашите гости има и познати личности, но за нас тие се само гости, кои се услужени како и сите други.

Од Вас бараме, овој демант да го објавите во целост, на истото место каде што го објавите и текстот со погоре споменатиот наслов, во кој наводно пренесувате моја изјава, која уште еднаш повторувам никогаш ниту сум Ви ја дал, ниту пак сум ја кажал некаде.

Во спротивно, Ви напоменувам дека ќе бидам принуден да побарам правна
заштита

Со почит,
Музафер Рашид – Мизо

П.С.

Почитувани

Се замолува сопственикот на Хотел Мизо г-нот Музафер Рашид – Мизо наредниот пат да го користи мејлот наведен во импресумот на Народен Глас. 

Со почит, од редакцијата на Народен Глас