Демант до Сител и благодарност до Биљана Секуловска!

0
1242

Сител во вестите објави видео од ресторанот Пастел со кое наводно докажува дека смислено заедно со новинарката Биљана Секуловска сме сакале да направиме инцидент со вицепремиерот Владо Пешевски. Притоа беше направен и обид за дискредитација кон мене и Славчо Димитров кој исто така беше присутен таму во кафулето кој е лидер на едно од ЛГБТ здруженијата па Латас кажа дека можеби во еден момент се лапаме ја и он кога ми го покажуваше видеото кое го снимале од нападот на Пешевски врз мене.

sashe-ivanovski

Значи како прво, ние не сакавме да направиме никаков инцидент. Тоа беше смислена новинарска акција за ловење на министер кој е фатен во криминал. Сакавме да му поставиме прашање а наместо одговор добивме ќотек! Што е скандал без преседан! Ние таа негова реакција ни на крај памет не ја очекувавме, инаку немаше да му се доближувам толку многу, не сум луд да ризикувам добијам бокс од 150 кила тежок куп месо?! И онака десната страна по која ме поткачи уште ми трне и зуи од шамарите на Сарма…

Како второ, не сум се бакнувал со Славчо, не сум хомосексуалец, да бев ако бевме пар ќе се бакнував каде и да сакам, сметам дека во 2015-та година тоа не би требало да е проблем каква сексуална ориентација си туку каков човек си, дали си КУРТОН или си човек со достоинство!

Сакам во овој демант да искажам голема благодарност кон новинарката Биљана Секуловска Ива. Со неа сме имале тешки несогласувања и голема нетрпеливост поради различните техники на новинарска работа и разликите во гледиштата на тоа како треба да се работи во новинарството. Но во овие клучни моменти таа решила да премине преку тоа и да ми помогне да го уловам Пешевски. Не само тоа туку таа храбро го снимаше и нападот со што обезбеди уште еден голем доказ да се види како Пешевски крвнички замавнува кон мене и ме брка.

Јас не знаев дека таа ќе снима, не ни знаев дека таа е воопшто присутна во кафулето затоа не се поздравив со неа на видеото. Комуникацијата одеше преку еден заеднички пријател, новинарски ветеран и мој голем идол, кој ми кажа дека Владо пие кафе со Ивона Талевска во својот кафич Пастел и јас отидов да му го поставам прашањето. Биљана носеше очила и спуштена коса и јас не ја препознав.

Кога се вратив да си го платам кафето во Пастел тие почнаа да викаат дека се снимале а јас ги прашав а кои сте вие на што тие ме гледаа чудно мислеа дека ги зафркавам но јас навистина не знаев кој му кажал на нашиот заеднички пријател дека Владо е во Пастел. После кога таа ми прозборе ја познав дека тоа е Биљана Секуловска.

Уште еднаш се врартив во Пастел, кога Владо Пешевски дојде со своето ауди на паркингот и почна да ме убедува да влезам со него во кола, што јас го одбив и ме фати паника дека ќе бидам уапсен за да ми го одземат телефонот и да ме обвинат за некој напад или слично за да ми се одмаздат. Тогаш пак се вратив во Пастел и им го кажав тоа на Биљана и Славчо на што тие ме смирија да не паничам дека сите веќе знаат се и да не се грижам, што малку ме смири.

Од целиот стрес не си го испив кафето ми се тресеше раката и не можев да ја погодам устата со шољата, па го оставив на масата ама го платив. Значи јас тој ден за ќотекот и стресот, го частев Пешевски 100 денари за кафе кое не го испив, затоа што кафулето Пастел е негово. Ете тоа е иронијата во целата приказна. Никогаш нема да дознаам што сакаше Пешевски да му каже ако влезев кај него во кола. Иако сум во долгови и без пари, немаше да прифатам никоја сума за да се договориме, но можно е и да ме нападне во колата со изговор дека сум му влегол во кола за да го нападнам. Тој човек очигледно е спремен на се, и нема никакви морални скрупули и кочници, со оглед на тоа што измисли некаков напад врз него и неговото семејство од пред 3 години кога најучтиво и со многу смеење се поздравивме во Битола, овој човек имаше некаков валкан план што јас не сакав да му дозволам да го реализира.

Во целиот стрес речиси сите не забележавме дека тој е паркиран на сред улица  и на тротоарот иако е вице премиер и требало да се паркира на паркинг како и сите за да даде пример. Но тоа е најмала работа во целиот скандал кој се случи завчера.

Уште еднаш голема благодарност за Биљана Секуловска за тоа што помогна да го уловиме Пешевски, потоа помогна да го документираме нападот на овој дивјак и насилник, а потоа и што ме тешеа и смируваа да не ме фати срце од страв затоа што не е лесно да те нападне а потоа до паркинг да те следи еден вице премиер на една ваква диктаторска влада! Очекував секој момент да стигне еденициа на Алфи и да ме згазат или уапсат или што ли не…

А за Сител… Знаете што, Латас и компанија, јас како новинар ќе се борам со сета сила вас влакно да не ви фали по падот на овој режим. Вашата најголема казна е што ќе бидете оставени сами без субвенции од државата да тонете во вашата новинарска беда и срам после ослободувањето. Вие ќе одите со наведната глава како што со години така живееле сите соработинци на фашистите и нацистите. Ако сте направиле криминал ќе одите во затвор, но како новинар и како човек нема да иницирам одмазда и насилие кон вас.

Да вие сега браните режим, ме нарекувате лудак само затоа што сум се дрзнал храбро да прашувам министри и премиер и да јадам за тоа ќотек, и во некоја мера и сте во право, храброста секогаш се граничи со лудост, но народот веќе е охрабрен, и она што беше лудост веќе е најнормална работа, почнаа да се креваат и други новинари и активисти, а пред се се крева народот и тој ќе ви ја врачи казната на изборите во април!

п.с Инаку и во вој случај има редица на прекршувања на закони од страна на овие бандити. Објавувањето на видео од ресторан со цел медиска пресметка со критички новинари е криминал според законите за лични податоци, никој не смее да снима тајно и да објавува видеа по медиуми. Тие видеа се за полициска доказна постапка ако има грабеж или тепачка во кафулето. Мојот адвокат ќе подмесе тужба до Пастел за ова прекршување на законот за лични податоци. Ова не смее да се повторува и понатаму со другите граѓани, нивната приватност е света. Ние не прекршивме никаков закон, туку пиевме кафе и се обидувавме да си ја вршиме нашата новинарска работа а тоа е да им поставуваме тешки прашања на министрите и функционерите, она што КУРТОНИТЕ не го разбираат и против што се борат! Па нормално, КУРТОНИ СЕ! Не се новинари!

Пишува : Саше Ивановски, главен и одговорен уредник на порталот Мактел