ДАЧИЌ : СРБИЈА ЌЕ ГО СПРОВЕДЕ ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР ДО СВОИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

0
395

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска изјави дека неговата земја е подготвена да го спроведе договорот постигнат во Охрид, но до црвените линии.

– А нашите црвени линии, она со што не се согласуваме, нашата резервираност и на што имаме право и се изземаме од тоа – е взаемно признавање: без признавање на Косово и без членство на Косово во Обединетите нации, изјави Дачиќ во Брисел, каде што учествува на донаторска конференција за собирање средства за Турција и Сирија.

Шефот на српската дипломатија рече дека во Охрид се зачувани српските национални интереси, јавува Радио Слободна Европа.
Тој додаде дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово ќе биде правно обврзувачко за Приштина.
Процесот на дијалог, според него, е само во насока на нормализирање на односите и ништо повеќе од тоа.

– Мислам дека ова е продолжение на она што го започнавме пред десет години и во овој поглед е многу важно да се знае дека ова е договор за натамошни чекори во нормализацијата на односите, а не за прашањата за статусот, потенцира Дачиќ.