Дачиќ: Ние сме будали што ја признавме Македонија под уставно име

0
1408

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во интервју за агенцијата Бета рече дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, зашто Македонија го признала Косово.

Тој најави дека и покрај заложбата за конструктивна улога во регионот, Србија ќе гласа против интересите на соседните земји кои не ја поддржаа во нејзините интереси, пред се кои ја признаа независноста на Косово и неговото членство во УНЕСКО.

Во интервјуто за агенцијата Бета, тој кажа дека не се работи за освета туку за политика на реципроцитет.

– Никој нема да може да ја понижува Србија. Јас едвај чекам кога во меѓународните организации ќе се појави некоја важна работа за Македонија или за Црна Гора, па да видиме како ќе се поставиме. Јас не велам дека ние сега нешто ќе преземеме против Црна Гора или Македонија, или Хрватска, Јас само кажувам за нашиот однос кон нивите барања кои ќе бидат на дневен ред, а тоа нема врска со нашите билатерелни односи. Станува збор за територијалниот интегритет. Замислете кога Србите во Црна Гора прогласат отцепување на територијата. Во што е разликата? Албанците процентуално се помалку во Србија отколку Србите во Црна Гора – рече Дачиќ.

Дачиќ кажа дека Србија погрешила што ја признала Македонија под уставното име, зашто Македонија го признала Косово.

– Србија направи голема грешка. Цела Европа и светот го користат називот Бивша Југословенска Република Македонија, а ние на нашите браќа Грци им удривме шлаканица и сега очекуваме од Грците да не го признаваат Косово. Македонија ја признавме со тоа што ги навредивме Грците, а Македонците постојано гласаат за Косово. Јас морам да кажам дека сме будали, еве ќе употребам недипломатски израз – рече Дачиќ.

Тој кажа дека Белград во билатералните односи со Скопје ќе го употребува уставното име, но дека во други случаи ќе се користи името кое се употребува во ЕУ и во ОН-БЈРМ.

– Сега ќе кажете дека тоа е освета, не е освета. Тоа е одговорна државна политика. Ако некому не му се важни нашите цркви и манастири на Косово и Метохија, кои се запалени и уништени, и ако тоа не е доволно некој да не биде поддржан за влез во УНЕСКО; тогаш мора да го поставиме прашањето за суштината на нашите односи – рече Дачиќ