Даниела Караѓозоска отповикана од амбасадорската функција во Хрватска

0
1372

Претседателот Ѓорге Иванов ја отповика македонската амбасадорка во Хрватска, Даниела Караѓозоска.

Иако со оваа амбасадорка се поврзуваа многу скандали од Министерството за надворешни работи велат дека отповикувањето е поради тоа што на 31 октомври и истекува мандатот. До тогаш Караѓозоска останува на амбасадорската функција, а потоа ќе биде назначен вршител на должност доколку не се избере нов амбасадор.

Синдикатот на македонската дипломатска служба минатата година побара од министерот за надворешни работи Никола Поповски јавно да се огради од ставовите на македонската амбасадорка од Загреб затоа што ја прекршила Виенската конвенција за дипломатски односи. Имено, Караѓозоска тогаш на својот профил на Фејсбук истапила со огромно жалење за оставката на Гордана Јанкулоска по настаните во кумановско Диво Насеље.

Во јавноста беа објавени фотографии како возачот на македонската амбасада со кофа со сапуница го мие службеното возило пред зградата во која живее амбасадорката, како и фотографии од амбасадорското возило украсено со панделки по повод свадбата на ќерката на амбасадорката.

Амбасадорката Караѓозоска јавноста ја памети и по тоа што поддржувачите на Шарената револуција во Хрватска ги нарече странска агентура.

Даниела Караѓозоска на амбасадорската функција дојде како претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.