Гуслари на екуменизмот

0
1043

Отсекогаш ме нервирала, драги мои, простете сите имаме слабости, една интелектуална прдалана која се прозива за умерена, разумна, смирена гуслачка заедница – екумени.

Таа обожува да соли памет за сешто, да касне да недојаде, да биде умна и критичка, но никогаш паметна и длабока во анализата, да биде лигава но не праведна со сите консеквенци на тоа.

На крајот завршува секогаш во каша од провинциски екуменизам – сите на куп, лицемери, малку-злосторници, користољубци, продадени души и останати – демек СВОЗ за татковината и демократијата: сега еден ни е непријателот, сите во фронт, не се делиме, не се критикуваме и слични педагошки стар-мал срања.

Ме нервирала и ми била одбивна нивната патворена смиреност и гуслачки ритам, капацитет и тоналитет да истрпат неправда и да голтнат таква со енормни димензии – за некаква „повисока цел“ која си ја замислиле и кон која екуменски повикуваат на единство (авторите лично ги познавале и си промовирале книги и си ги пушеле и што ли веќе?).   Да смандрљаат под нивното екуменско перо повик за собирање под некое знаме (сега на „антигруевизмот“)  таму каде е тоа е морален срам:  нешто што не се собира заедно, што е срам да го наредиш едно покрај друго.

Таква стратегија на безморален екуменизам во јавниот дискурс е втора страна (еднакво погрешна) на делењето на предавници и патриоти, стратегијата на  ДПМНЕ. Тоа отсуство на обриси на некаква морална вертикала е една од причините што Македонија одеше пат во кој и шуто и рогато се декларираше за демократска пролет и лето и сè така и на тоа слично.

А во основа гусларите не разбираат една проста равенка на интелектуалниот и креативен интегритет: не се работи за литерарниот, филмски, поетски, режисерски или не-знам-каков квалитет на творештвото на ликовите за кои зборуваме. Се работи за моќта и продавањето на моќта, додворување на диктатурата и секако за пари, многу пари (ах, тие пари на сите ни требаат).

Се работи за тоа дека продавајќи се на диктатурата на сите нас другите колку и да сме, а многу народ сме, ни  ја отежнуваат борбата бидејќи ја легитимираат диктатурата. Нејзината творечка јаловост ја орнаментираат со своите продажби, тие се нивните Сваровски кристали. Го прават „човечкиот лик на диктатурата“, прават таа да не остане само на своите битанги туку да добие превез на нормална, прифатлива , меинстрим културна продукција. „Македонија тајмлес“ да не е само Ниче Македон туку и Милчо Манчевски.

Е јебига, после сè да се појави и да просере: „… еее  јас кога ја критикував власта (дека не му плаќа доволно белким )… кога и плукав во лице…

Да ни се насмеат лицемерите во очи очекувајќи разбирање со фразата: „Џиги, морално беше “ – сепак не! Сепак не е „морално“ гуслари (се слагате ли?).

Кога Кнут Хамсун, норвешки нобеловец и неспорен книжевен автор, зацепа во нацистички и расистички води, Норвежните по војната сите книги купени од него му ги вратија по пошта на домашна адреса во знак на неприфаќање на неговата „волја за моќ“, морален став, факинг политика.

Зошто нашите гуслари на смиреноста во мудроста и „дрн, дрн филозофијата на мирот“ мислат дека македонските граѓани не се достојни за таков чин? Зошто сакаат да ги спасат шрапнелите неморал и со евтин, да не кажам прост екуменизам (сплотеност, заедничарење) и да го засенчат моралниот пад, „продаденост’“ на  овие ликови.

Потребата од морална дистанца од нивниот став кон моќта и нивната алчност е елементарно прашање на правда на новиот почеток .

Инаку да се знае, Галичани од принцип во партизани одат 1944-та.

Извор: Либертас