ГРУЈО ИЗЛАЖА: Наместо нови вработувања – откази во странската фабрика “Стил кон“

0
1033

Некогаш надежна инвестиција, а сега намалено производство и серија отпуштања, кумановската фабрика за челични конструкции „Стил кон“ веќе три месеци не им исплатила плата на вработените. Во 2011 година амбициозно беше најавен свеж капитал која ќе отвори сто нови работни места, а инвестицијата се најде и во рекламните спотови на владејачката партија.

Сликата сега е сосема поинаква, бројот на вработени се намалил на 80, вработените велат дека им се закануваат отпуштања, а платите доцнат.

Поради ваквите состојби дел од вработените протестираат пред фабриката. Внатре не смеат да влезат затоа што велат дека им ги одзеле картичките за евиденција. Стравот да не бидат отпуштени или санкционирани ги спречи да зборуваат пред камера.

Менаџментот жали за настанатата состојба и уверува дека работниците наскоро ќе ги добијат заостанатите плати. Посочуваат дека деновиве го префрлиле на нивните сметки додатокот за годишен одмор К-15. Компанијата пред неколку години премина во рацете на холандски бизнисмени, кои годинава инвестирале еден милион евра во отплата на долговите.

Менаџментот потврдува дека изминативе денови биле отпуштени 17 вработени затоа што фирмата морала да ги редуцира трошоците. Од „Стил кон“ најавуваат нови инвестиции и бизнис стратегија која треба да го зголеми производството.

Извор:24 Вести