ПОРАДИ ВАКВИ ПОЛИТИЧКИ ЕЛЕМЕНТАРНИ НЕПОГОДИ СИ ПАТИМЕ : ГРУЕВСКИ И МИЦКОСКИ НАМЕСТО ХИДРОЦЕНТРАЛА ЛУПНАА 17 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НОВА АДМИНИСТРАТИВНА ЗГРАДА НА ЕЛЕМ

0
562

Поминаа пет и пол години од моментот кога требаше да се отвори зградата на ЕЛЕМ. Никола Груевски во меѓувреме избега од земјата, Христијан Мицкоски го зазеде неговото место во партијата…

…но објектот е во иста фаза – уште малку, па да биде пуштен во употреба.

И, навистина, речиси се е спремно. Уредени се скалилата…ходниците… канцелариите за вработените…

Инсталирани се и работат ормарите за архивата… иако на некои места веќе може да се забележи дека или мајсторите или материјалот не биле по висок стандард.

Ормарите за архивата

Готов е и просторот на врвот од зградата каде наводно е планирана фитнес-сала, само не се поставени справи.

Простор за теретана

Не помалку важно, готова е и чекалната и канцеларијата на генералниот директор… а во неа, работна просторија… мала сала за состаноци… простор за релаксација… плакар и посебен тоалет со туш кабина…

Канцеларија на директор

Од актуелното раководство се оградуваат од желбите на претходните раководства во чие време се градеше новиот објект.

„Тоа што е изградено е изградено. Некој ќе треба да го користи во иднина. Какви ќе бидат одлуките на Управниот одбор и на ова раководство доколку дојдеме до разрешница целокупна, ќе биде предмет на натамошни разговори. Секако, ние како раководство не се гледаме во таа зграда и најмалку нешто што би користеле е теретаната која што била градена со некакви други идеи од некои други раководства”. рече Душица Сеизовска Јовановиќ-директор за правни и општи работи -ЕСМ.

Заедно со мебелот, новата зграда на ЕЛЕМ чинеше околу 17 милиони евра. Проблемот е што на толку потрошени државни пари, објектот се уште не е пуштен во употреба. А не е пуштен во употреба бидејќи нема употребна дозвола.

Таа дозвола треба, но не ја издава Министерството за транспорт и врски. На нашите прашања зошто, го добивме овој одговор:

„За оваа градба Министерството за транспорт и врски има издадено Одобрение за градење … Исто така, има донесено и две решенија за одбивање на измени во тек на градба. Во однос на постапката на одобрението за употреба, Инвеститорот треба да ги запази членовите 88, 89, 90, 91, 92 и 93 од Законот за градење и да аплицира до Министерството за транспорт и врски по што барањето ќе се разгледа и ќе се постапи.“ велат од Министерство за транспорт и врски.

Во превод, зградата на ЕЛЕМ била почната со обезбедено одобрение, но на неа биле направени засега непознат број измени во текот на градбата. И наместо да се бара одобрение за измените пред тие да се направат, се случило обратното – зградата била завршена, а дури потоа се барале одобренијата. Временски, токму тогаш падна старата власт, а со тоа и можноста се да помине во сива зона.

За наследениот проблем, од актуелното раководство на ЕСМ велат се обидуваат да најдат решение.

„Во овој даден момент, последните барања за измена во тек на градба се одбиени и ќе се обидеме повторно да изнајдеме соодветно решение затоа што во секој случај, каква и да е инвестицијата, се работи за средства, пари на граѓаните и истите тој имот би требало да го имаат, да го поседуваат, а не да остане немо слово на хартија коешто уште ниту еден дел нема употребна вредност“. рече Душица Сеизовска Јовановиќ-директор за правни и општи работи -ЕСМ.

Официјално, не се соопштуваат други подробности.

Неофицијално, никој во транспорт не сака да си ја стави „главата во торба“ и да ги потпише барањата за измени во тек на градба кои патем веќе се направени без дозвола. Во ЕСМ, пак, се надеваа дека зградата ќе се „легализира“ со ланскиот контроверзен закон за дивоградби кој Собранието првично го донесе, но потоа не го гласаше повторно откако не го потпиша претседателот Стево Пендаровски. Упатени велат дека се размислувало и да се побара ново одобрение за градба со сегашната изведена состојба, макар и повторно да се платат комуналии од близу милион евра.

На сето тоа, има уште еден голем проблем.

May 26, 2017

Во мај 2017 г. тогашниот премиер Никола Груевски при посета на објектот на тогашниот директор на „Елем“, Христијан Мицкоски му објаснуваше дека објекот има три подземни нивоа со што се решава проблемот со паркирањето.

Навистина, има три нивоа паркинг под земја заедно со лифтови за возила, но нема начин како од улица да се стигне до лифтовите. За да стигне до лифтовите, плановите во времето на Никола Груевски предвидуваа да се уништи просторот за одмор и плочикот меѓу блиските станбени згради и таму да поминува улица.

За такво нешто не се собра политичка храброст ниту тогаш, ниту сега. Особено што пристапот не е единствен проблем.

„Видете, таму при проектирање на зградата не се водело внимание дали се наоѓа на почва која можеби е потоплива и на којашто може да се случат одредени проблеми. Таму практично деноноќно работат пумпи коишто 24 часа ја исцрпуваат водата и тој простор дури и да биде употреблив не е соодветен и затоа претставува проблеми во целокупната постапка.Изнаоѓа ни се решение со пумпите кои до некаде го решаваат проблемот но тоа дефинитивно не е решение не гледам како би можело да се надмине целокупниот проблем“. рече Душица Сеизовска Јовановиќ-директор за правни и општи работи -ЕСМ.

Одговорност што зградата е изградена така како што е изградена или затоа што готов објект полн со мебел веќе петта година скапува неискористен, засега нема.

Актуелното раководство на ЕСМ се оградува од претходните и очекува правна разврска.

„Во однос на сите овие прашања се водат и содветни судски постапки спрема фирмите, а целокупната изградба на зграда е предмет на истрага на надлежни институции којшто секако ќе повторам би требало да ги дадат содветните одговори.“ вели Душица Сеизовска Јовановиќ-директор за правни и општи работи -ЕСМ.

Ако се чека на судска разврска, брзината на ваквите постапки вообичаено е таква што не ветува дека зградата на ЕЛЕМ, а со тоа и 17-те милиони евра потрошени од Буџетот, наскоро ќе се употребат.

Се бунтува и самата зграда. Непрекинато свири алармот за опасност од пожар. А, нема ниту оган ниту чад, ниту пак некој да ја среди работата.