ГРКОВСКА: АКО СÈ ТЕЧЕ КАКО ТРЕБА, ЕЛЕКТРОНСКА ЛИЧНА КАРТА БИ ТРЕБАЛО ДА ИМАМЕ В ГОДИНА

0
596

Планот и концептот за електронска лична карта се веќе готови. Тоа е систем кој мора да се прави согласно европските директиви и ако сè се одвива како што треба, би требало веќе следната година да имаме електронска лична карта. Ова го кажа на денешниот брифинг со новинарите вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, чиј тим работи на Законот за архивска дејност и на е-личната карта.

„Активностите поврзани со електронската лична карта, ги правиме со амбасадата на САД. Концептот, кој на МВР требаше да им биде комплетно јасен, е веќе готов. Сега експерт од Естонија ќе дојде кон крајот на овој месец и тој ќе треба да види дали сè е во согласност со европските директиви. Сега Министерството за информатичко општество и администрација, треба да ја направат Стратегијата за сајбер безбедност“, рече Грковска.

Таа информираше дека следува техничка спецификација, односно меѓународен тендер за што МВР ќе го води процесот.Вицепремиерката информираше и за Законот за потекло на имот, кој е во фаза на изработка.
„Ова недостасува во нашиот систем. Кога ќе се утврди дека нема аргументи за кривична постапка, тогаш лицето кое несразмерно стекнало имот, ќе мора во граѓанска постапка да докаже како го стекнало имотот. Целта е да се стесни просторот за злоупотреба и криминалот да биде казнет. Во овој процес се вклучени Министерството за правда, Обвинителството, експерти. Врз основа на меѓународните искуства ќе се направи закон“, рече Грковска.

Вицепремиерката, на брифингот истакна и дека состојбите во правосудството се загрижувачки и дека е потребно подобрување на досегашната судска практика.
„Мора да се променат законите за судски совет, за јавните обвинители. Потребно е да се заостри МЕРИТ системот според кој се напредува во правосудството. Треба да има посебни критериуми за избор. Ќе треба попрецизно да се утврди што значи тоа истакнат правник при изборот на судии и обвинители“, кажа таа.