Револтирани од најавата за новиот изглед на зградата на поранешната полициска станица, денеска помеѓу жителите на Струмица граѓански активисти делеа летоци на кои пишуваше „Груевски, во Струмица барок – ЈОК“. Велат: „НЕ за барокот на Груевски во Струмица – ДА за европска и модерна Струмица!“, пренесува 24 Струмица.
Пред десетина дена премиерот Никола Груевски најави реконструкција на старата зграда на полициската станица во која ќе бидат сместени повеќе институции, како подрачните одделенија на Управата за имотно-правни работи, на УЈП, Агенцијата за катастар на недвижности и Управата за матична евиденција. За објектот ќе бидат потрошени 1,1 милион евра буџетски пари.
Граѓаните бараат од Владата да им обезбеди услови за подобар живот и како што велат, да престане да ги троши народните пари на вакви и слични градби.
„Груевски да даде милион евра за откуп на корнишонот кој денеска се продава за 10 денари од килограм, а не за некакви згради. Немам пари леб да им однесам дома на децата, а тој ќе троши милион за некакви измислени згради“, вели А.Ј.
„Пренесете му на Груевски дека не сакаме грди зданија и во нашиот град“, порача граѓанин од Струмица.