Граѓаните со депозити во Еуростандард ќе се обесштетуваат преку четири банки за да нема гужви

0
880
Фондот за осигурување на депозити ги избра Стопанска банка, НЛБ банка, Халкбанк и Комерцијална банка да бидат банки-исплатувачи на обесштетувањето на осигурените депозити од Еуростандард, банка на којашто и беше одземена дозволата за работа.

„Во услови на ширење на пандемијата на КОВИД-19, Фондот за осигурување на депозити покрај својата основна задача за исплата на осигурените депозити на депонентите – физички лица, има потреба и дополнително да придонесе кон заштита на граѓаните. Оттука, се донесе Одлука дека исплатата на обесштетувањето на депонентите – физички лица (резиденти и нерезиденти) на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје во стечај, ќе се врши преку 4 (четири) банки со цел да се избегнат масовни собири“, се вели во соопштението од Фондот за осигурување на депозити.

Оттаму додаваат дека веднаш по добивањето на конечниот список за депозитите на физичките лица кои се предмет на обесштетување, од стечајниот управник на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, Фондот за осигурување на депозити ќе ги распредели депонентите по банките-исплатувачи и ќе ги извести во која банка-исплатувач ќе бидат распределени за подигнување на исплатата на обесштетувањето на нивните осигурени депозити.

 Од Фондот велат и дека навремено ќе ги известат депонентите и јавноста за датумот на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките-исплатувачи