Град Скопје забрани палење на отворено, ќе се делат казни и за Бадниковите огнови

0
984

Во пресрет на зимата и сезоната со зголемено загадување на воздухот, Градот Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193.

Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено. Оваа кампања се спроведува трета година по ред и досега бележи одлични резултати.

– Палењето огнови на отворено е законски забрането. Тие најчесто се последица на несовесни граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е тоа што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми и неквалитетни дрва кои исклучително штетно влијаат на квалитетот на воздухот. Ние трета година по ред одговорно му пристапуваме на овој проблем. Подаваме рака за сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на амбиентниот воздух. Истовремено, водиме грижа и им помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна – рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

На прашање на Фокус, Салиу појасни дека како и секоја година и оваа година ќе се санкционира палењето Бадникови огнови.

– Ништо не е поразлично од минатата година, доколку некои граѓани пријават дека пречат огновите кои најчесто се палат за Бадник исто така инспекторите на терен имаат право да ги казнат лицата кои го запалиле огнот, рече Салиу.