Градоначалникот на Прилеп, Јованоски : За жал, последните десетина дена забележителен е пораст на бројката на новозаразени во нашата општина, што е загрижувачки

0
716
Пандемијата на Ковид-19 го промени светот. Го промени начинот на живеење и функционирање на сите граѓани ширум земјината топка. Ги промени нашите навики и наметна некои нови правила кои сите ние, без исклучок, мора да ги прифатиме.
Општина Прилеп беше меѓу првите во нашата држава, која после прогласувањето на пандемијата се соочи со невидливиот непријател. Секојдневно растеше бројот на заболени од коронавирус, а за жал, повеќемина наши сограѓани ја изгубија животната битка со болеста.
Како градоначалник и како прв човек на Општинскиот кризен штаб, иницирав многу акции со цел спречување на ширење на болеста.
Општина Прилеп, заедно со здравствените институции во градот, јавните претпријатија, неколкуте општествено одговорни компании и други правни и физички лица, реализираше огромен број акции во насока на спречување на ширењето на пандемијата и нејзино ставање под контрола.
Честата дезинфекција на улиците во градот и населените места, на државните и локалните институици, на детските градинки и училиштата, зградите, делење хуманитарни пакети со храна и средства за дезинфекција на социјално ранливите категории, помош на старите и немоќни лица при набавката на храна и лекови, координација со полицијата а во даден момент и Армијата, во ставањето ред пред банките, маркетите, градскиот пазар, парковите…
Сето тоа придонесе состојбата со Ковид-19 во општина Прилеп да биде целосно ставена под контрола и извесен временски период да се регистрираат по еден или ниту еден заболен од заразната болест.
За жал, последните десетина дена забележителен е пораст на бројката на новозаразени во нашата општина, што е загрижувачки. Имено, за разлика од јули кога вкупно беа регистрирани 70 случаи на инфицирани со коронавирус, овој месец, заклучно со денеска 26 август, бројот на позитивни случаи изнесува 92.
Денеска имаме 13 нови случаи и за жал една почината наша сограѓанка.
Она што е индиктивно е дека возрасната група кај која е забележан пораст на бројот на новозаболени, е од 20 до 39 години. Тоа кажува дека станува збор за социјално активните лица кои се дружат и групираат и не ги почитуваат пропишаните мерки за заштита од коронавирусот.
Затоа, исклучително важно е сите граѓани да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита, да носат заштитни маски, да одржуваат физичкко растојание и да ги дезинфицираат работните простории и домовите. Развојот на ситуацијата со Ковид-19, зависи од личната одговорност и дисциплината на секој поединец.
Во таа насока, а во пресрет на новата учебна година, денеска одржав средби со директорите на основните и средните училишта од општината, на кои разговаравме за преземање на мерки за целосна заштита и безбедност на учениците и наставниот кадар, без разлика на датумот на почеток на школската година и начинот на кој ќе се изведува наставата. Истовремено, се договоривме за активно вклучување на училишните Одбори и Советите на родители за доследно почитување и примена на заштитните мерки.
Апелирам и до невладините организации од нашиот град, поактивно да се вклучат во кампањата за заштита од коронавирусот и за целосно почитување на мерките.
Во оваа прилика, сакам да упатам посебен апел до младите и сопствениците на угостителските објекти, целосно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, затоа што е забележливо дека последниот период не се почитуваат протоколите.
Банките и поголемите маркети од градот, да ги засилат редарските служби пред нивните објекти, за да се спречат поголемите групирања кои се евидентни во изминатите денови.
Сакам да ја известам јавноста дека Градскиот пазар ќе продолжи со работа, со засилени протоколи за заштита од Ковид-19, со тоа што ќе има засилена дезинфекција и никој нема да смее да влезе во пазарат без заштитна маска.
Полицијата ќе биде се’ поприсутна и во пазарот и пред поголемите маркети и банки и ќе ја засили казнената политика.
На крај, во пресет на големиот христијански празник Голема Богородица, упатувам пред се’ честитка до верниците, до свештените лица и до сите граѓаните, а истовремено апелирам да не дозволиме овој величенствен ден да предизвика нови случаи на заразени со вирусот Ковид-19.