ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА СТРУМИЦА КОСТАДИН КОСТАДИНОВ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО БРИСЕЛ

0
435

Делегација од општина Струмица, на покана на Европратеникот Илхан Ќучук, во рамки на посетата на Европскиот парламент ќе реализира серија средби со претставници на Република Бугарија и Република Северна Македонија

Брисел / Струмица, 04.05.2023 година – Како дел од меѓународната соработка на општина Струмица, на покана на Европратеникот и известувач за напредокот на Република Северна Македонија во Европската Унија, г-дин Илхан Ќучук, од денес, делегација од општина Струмица предводена од Градоначалникот Костадин Костадинов е во работна посета на Европскиот Парламент во Брисел.

Во рамки на посетата, Градоначалникот Костадинов со делегацијата составена од г-дин Александар Оџаков, Секретар на општина Струмица, г-дин Марјан Даскаловски, Претседател на Советот на општина Струмица и г-дин Александар Ненчев, Советник во општина Струмица, ќе реализираат серија средби со претставници на Република Бугарија и на Мисијата на Република Северна Македонија при Европскиот Парламент.

„Градењето на силни и трајни односи меѓу народите значи можност за напредок, размена на искуства, поддршка и промоција на локалниот економски развој и градење на заедници во кои почитта, мирот и стабилноста имаат приоритет. Токму ова е приоритет и за нас, како општина со карактеристична гео-положба. Во оваа насока, во духот на пријателството и добрососедството, а сѐ во интерес на жителите на општина Струмица, продолжуваме да работиме на продлабочување на односите со соседна Бугарија.“изјави Костадин Костадинов, Градоначалник на Општина Струмица.

Преку реализацијата на посети и средби од ваков тип, општина Струмица продолжува да работи во насока на развој на односите со меѓународната заедница и идентификација на потенцијалите за соработка за прашања од заеднички интерес од различни сфери.