ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КУМАНОВО МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ДЕЛ ОД ЕКО АКЦИЈА СО ПЕНЗИОНЕРИТЕ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ГРАДСКИОТ ПАРК И ГИ ПОВИКА СИТЕ КУМАНОВЦИ ДА БИДАТ ОДГОВОРНИ

0
809

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски заедно со пензионерите од Здружението на пензионери – Куманово учествуваа на еко акција за чистење на Градскиот парк во Куманово. Оваа акција е организирана по иницијатива на здружението на пензионери од градот, а дополнително поддржана и од Здружение за доброволна волонтерска работа “Кумановски акцијаши” и ЈП “Чистота и зеленилo”.

Градоначалникот Димитриевски ја поздрави иницијативата на пензионерите и упати јавен апел до граѓаните да се однесуваат одговорно кон заедничкиот имот.

“Навистина добро организирана структура на свесни, совесни и лојални граѓани на нашата општина. Денеска направија акција за чистење на Градскиот парк од отпадоци. Иако пред година и пол беше поставена урбана опрема, корпи за отпадоци и дополнителен број на клупи, сепак најголем дел од тоа веќе е уништено. Апелирам до граѓаните да се однесуваат одговорно кон нашиот заеднички имот. Општина Куманово во рамки на своите активности, а во соработка со Североисточниот плански регион веќе аплицираше со проект за целосна реконструкција на градскиот парк. Верувам дека овој проект ќе биде реализиран во иднина и веќе до крајот на годината ние ќе имаме реконструиран Градски парк. Се надеваме дека кога ќе биде реализиран целосниот проект ќе добиеме еден модерен и воедно прв смарт парк во градот”, изјави градоначалникот Димитриевски.

Претседателот на здружението на пензионери Благе Јакимовски потенцираше колку е важна потребата од секојдневна грижа за животната средина со цел создавање на здрава и чиста околина за сите нас.

“Ние не можеме толку да исчистиме колку што можат граѓаните да загадат. Апелираме граѓаните да водат сметка за било кои излетнички места што се во градот како Спомен Костурница, Студена вода и Менкова колиба, сите треба да ги одржуваме. Животната средина треба да биде чиста затоа што таа е дел и од нашиот живот”, вели Јакимовски.