Гошев: Економијата ќе ja заштитиме ако ги изгониме арамиите од власт!

0
1100

Монетарната власт и деловните банки во моментов имаат сила успешно да се справат со настанатата вознемиреност кај штедачите. Паниката со повлекување на парите од банките не потекнува од разни креатори на заговор против државата (противници на оваа власт), туку од самата власт која е планетарно неодговорна и исто толку корумпирана, што граѓаните го разбраа, предупредува поранешниот гувернер Петар Гошев во интервју за Дојче веле.

Последните монетарни мерки за него не се изненадување и не очекува да предизвикаат шокови на пазарот на пари. Клучно според Гошев е сите да сфатат дека колку подолго власта ќе опстои, толку подолго ќе трае лечењето на општеството!

ДВ: Господине Гошев, можна ли е девалвација на денарот? Во 2001 година, во многу посериозни услови, домашната валута ја задржа стабилноста, дали ќе биде така и во 2016?

Гошев: Во овој момент нема ниту услови, ниту потреба за девалвација на денарот. За среќа, сé уште факторите од кои зависи тоа прашање не одат во прилог на таков исход. Инфлацијата е исклучително ниска. Во февруари, базичната инфлација беше околу нула, а десетгодишниот тренд на инфлацијата (просечно од 2 до 2,5%) го нема подјадено нивото на реалниот ефективен девизен курс. Дефицитот во тековната сметка на платниот биланс е умерен и, засега, без поголеми осцилации. Банкарскиот систем е стабилен, капитализираноста му е висока, а коефициентите на ликвидност се добри. Се разбира, ниту една економија не може да остане во зоната на стабилноста доколку самата власт подолго време произведува услови за нарушување на елементите од кои зависи политичката и економската рамнотежа во едно општество.

ДВ: Има ли капацитет НБРМ да се справи со шоковите?

Гошев: Прво да кажам дека во овој момент имаме напад на рамнотежата на девизниот пазар и напад врз стабилноста на банките. Нападот се манифестира преку зголемено повлекување на депозити од банките и зголемена конверзија на денари во девизи. Нервозата ја произведе самата власт. Граѓаните разбраа колку оваа власт е корумпирана, како се задолжува неодговорно, како неодговорно ги троши народните пари и дека многу народни пари одлева во странство на свои приватни сметки. Заедно со политичкиот ќорсокак, тоа ги натера граѓаните да мислат дека таквата власт може да ги загрози и нивните депозити, или пак дека таквите услови неминовно ќе доведат до девалвација на денарот. Народната банка и самите банки имаат сила во овој момент успешно да се справат со настанатата вознемиреност кај штедачитеНародната банка имаа доволно девизни средства да интервенира на девизниот пазар, има стандардни и нестандардни инструменти да ја намали побарувачката на пазарот – да изврши контракција на понудата на пари и на тој начин да воспостави рамнотежа на пониско ниво на економска активност. Всушност да го одбрани курсот на денарот. А самите банки пак, имаат доволно ликвидност да одговорат на зголемените побарувања за повлекување на депозити.

Интервјуто во целост прочитајте го ОВДЕ