Ги откри ли Заев тајните летала на Мијалков?

0
1872

avion

Во еден од прислушуваните разговори што денеска ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, шефот на тајната полиција се жали дека кубури со кадар, без кој не може да се работат „ни леталата, ни хеликоптерите“, пишува Мета.

На кои летала мисли Мијалков во разговорот со министерката?

Поранешни припадници на разузнавачката заедница во земјата за „Мета“ велат дека станува збор за беспилотни летала (дронови), кои безбедносните служби ги набавиле во 2007/2008 година.

Ако овие летала постојат, нивната набавка и користењето се класифицирани како државна тајна.

Дека македонските служби поседуваат ваква опрема, во јавноста се зборува веќе неколку години, но официјална потврда за тоа досега не стигнала од ниту една институција.

Никој досега ниту, пак, ги негирал овие тврдења.

По прес-конференцијата на Заев, на која беше пуштена наводната снимка на која Мијалков говори за „летала“, ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во кое го обвинува Заев дека прави  дестабилизација и обид за внесување криза.

„Заев денеска недозволиво откриваше информации за капацитетот на безбедносните служби, обидувајќи се да го загрози нивното функционирање. Заев денеска на крајно безобѕирен начин и повторно не водејќи сметка за државните интереси, разоткриваше информации за плановите за кадровското доекипирање на службите за безбедност и за зголемување на нивната оперативност. Тоа е класично антидржавно однесување и граѓаните тоа го препознаваат и затоа не го поддржуваат“, се вели во соопштението.

Пред неколку години, кога во кругот на железарницата „Макстил“ се случи несреќа со дел од балистички проектил од руско производство, кој стигнал како старо железо, првата информација која поструи во медиумите беше дека паднало едно од беспилотните летала на полицијата.

Нашиот соговорник вели дека беспилотните летала се реалност иако смета дека не се користат доволно.

Тој вели дека, Македонија во 2004/2005 година има потпишано договор со НАТО-силите на Косово, за надгледување на просторот на македонско-косовската граница и одредени квадранти од нашата територија со беспилотни летала.

– Од некоја причина, надлежните власти процениле дека има потреба од набавка на беспилотни летала. Но, иако ги поседуваме, многу малку или воопшто не ги користиме – вели нашиот соговорник.

Разговорот меѓу Јанкулоска и Мијалков, што денеска го објави лидерот на опозцијата, Зоран Заев, е следен:

СМ: И знаеш што, не можеме да ги работиме ни камерите, ни другите работи…
ГЈ: Па, да бе, да…
СМ: Ни леталата, ни хеликоптерите, ништо не можеме да работиме без овие луѓе…
ГЈ: Абе сме го праеле муабетот…
СМ: Ни техниката, инженери ни требаат ни… значи катастрофа сме, ни оперативци иаме
ГЈ: Ние вложивме…
СМ: …Следење ни отидоа луѓе, репродукција ни отидоа луѓе, значи неопходни ни се овие луѓе, неопходни, не можеме да работиме…
ГЈ: Абе ние вложивме толку пари у опрема, и ако немаш луѓе, џабе ја имаш опремата, така…

Извор: Мета