Германија донираше осум респираторни машини за Инфективната клиника и ГОБ „8 Септември“

0
735

Германската амбасадорка Анке Холштајн денеска му предаде осум  респираторни машини марка „дрегер“ на министерот за здравство Венко Филипче, донација од Владата на Сојузна Република Германија  за Министерството за здравство како поддршка за македонските  клиники. Вкупната вредност на оваа донација е 233 илјади евра, а се имплементираше преку Германската сојузна агенција за цивилна заштита.

-Се радувам што медицинските апарати  доаѓаат во вистинско време кога е потребна помошта.  Оваа донација е по иницијатива во Сојузната влада за време на  Германското претседателство  во Советот на ЕУ  за помош на државите од Западен Балкан  при пандемијата од Ковид -19. Со оглед на актуелните состојби  главен акцент на  нашето Претседателство е справување со пандемијата и нејзините последици, изјави амбасадорката Холштајн по предавањето на донацијата во Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Овде во регионот на Западен Балкан, посочи, сакаме да покажеме дека нашите партнери можат да се  потпрат на нас при борбата со пандемијата.

-Германија до сега го поддржа регионот со 15 милиони евра. Освен тоа, ЕУ помага со 3,3 милијарди евра  во кои Германија учествува со речиси една третина, рече Холштајн.

Заблагодарувајќи се за значајната донација за нашиот здравствен систем министерот Филипче истакна дека Германија се докажа во целиот изминат период дека е, како што рече, нашиот најголем партнер во  евроинтегративните процеси, но и во поддршка во здравствениот систем во оваа здравствена криза која што практично го снајде целиот свет.