Германија го укина карантинот за граѓаните од ЕУ

0
1162

Германија ја укина обврската за карантин за лицата од ЕУ, Шенгенската зона и Велика Британија, кои влегуваат во земјата. Покраините работат на измени на уредбите.

Лицата кои влегуваат во Германија во иднина генерално не би морале да бидат во 14-дневен карантин. Согласност за ова денеска постигнаа покраините и сојузот. Во текот на наредните денови ќе бидат направени соодветни прилагодувања на уредбите во покраините, изјави портпарол на сојузното Министерство за внатрешни работи.

Основната линија е јасна, но покраините имаат право да одлучуваат „за нијанси“, се вели од сојузното МВР и се додава дека деталите најверојатно ќе бидат утврдени на почетокот на наредната недела.

Она што веќе е утврдено е дека новите правила за карантин за лицата кои влегуваат во Германија ќе се ориентираат според корона-референтната бројка од 50 нови инфекции. За лицата кои влегуваат од ЕУ, од државите на Шенгенската зона и Велика Британија, ќе биде препорачан карантин само доколку тие доаѓаат од земја со зголемена стапка на инфекција. Во Германија 50 новоинфицирани лица на 100.000 жители во период од седум дена важи за централна референтна вредност во справувањето со пандемијата. Доколку оваа бројка во некој округ биде надмината, тогаш олабавувањата на мерките ќе бидат повлечени.

Обврската за карантин останува за луѓето кои доаѓаат од т.н. трети држави (кои не се членки на ЕУ и не се држава од Шенгенската зона).

Извор : Дојче Веле