Георгиевски до Мицковски : Конечно се откри под чија наредба се спроведуваат блокадите во општина Гази Баба

0
1205

Реакција на градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски за ФБ статус на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, објавен на 26.03.2020 год

Господине Мицковски,

Лажните приказни веќе одамна станаа секојдневие за вас и вашата партија. Нема ден, а да не извитоперите или измислите некоја приказна со која сакате да ја манипулирате јавноста. Слободно продолжете со тоа, но оставете ја општината Гази Баба и мене далеку од вашите измислени приказни.

Треба да разберете, а за ваше добро е тоа што поскоро да биде, дека граѓаните на Гази Баба одамна ве прочитаа вам и вашите лаги.

Токму затоа ја изгубивте општината. Токму затоа и повторно ќе ја изгубите. Повеќе од дваесет години ги оставивте граѓаните без вода и канализација, без основни услови за живот.

Денес вам лично и вашите партиски војници од Гази Баба ве боли што општината оди напред, што се развива, што на граѓаните им се решаваат децениските проблеми, за кои вие само ги лажевте.

Лажете и сега Мицковски! Прашајте ги вашите советници зошто трета година по ред не е изгласана Годишната програма за вработување? Оставајќи ја општината без можност да го пополнува редовно кадарот кој годишно оди во пензија.

Кога велите дека во општината се вработуваат партиски војници, прашајте ја вашата дополнителна министерка за администрација да ви каже што по дефиниција е партиски војник. Но и да ви каже дали нејзиниот сопруг вработен во 2015 година е партиски војник.

Овој договор коj вие го објавувате е само продолжување на договорите на времено вработените лица, кои во општината ги има уште од 2014 година, време кога јас не сум бил градоначалник. Сумата за која спорите е истата сума во буџетите за 2018, 2019 и 2020 година, за која вашите советници гласале и немале никакви забелешки. Затоа лагите нема да ви поминат.

Затоа оставете ме мене и Гази Баба далеку од вашите лаги. Знам дека сме ви трн во око. Јас за разлика од вас работам ЗА граѓаните, а не за себе како што вие работевте. Ги слушам потребите на граѓаните и обезбедувам соодветни услови за живот во сите населени места, без селекција.

Вие се уште не можете да сфатите дека една од нај запуштените општини во државата од ваше време, за овие речиси 3 години доживеа таков прогрес што вие не успеавте да го направите ни за 22 години.

Гази Баба денес е општина која забрзано оди напред, а не онаа рурална и заборавена општина од вашето време. Гази Баба денес не руши со динамити како што рушевте вие, туку привлекува инвестиции и за само две години отворивме скоро 1000 нови работни места.

Гази Баба денес е општина која се грижи за граѓаните, се градат водоводи во Раштак и Булачани, канализациони системи во Јурумлери, Трубарево, Смилковци, а ќе започне Црешево и Гоце Делчев. Вие со години сте ги лажеле граѓаните, а вашите партиски локалци им ги переле парите собрани од самопридонес на граѓаните.

Токму затоа се сите блокади, директно под ваша команда, по секоја цена да се стопира работата на општината. Под ваша команда се блокираше ребалансот на општината на буџетот за 2019 година. Под ваша команда се одложи носењето на буџетот за 2020 година и општината влезе во времено финансирање. Под ваша команда општината и гадот Скопје плаќаат поскапа цена за мостот во Ќерамидница, поради тоа што го закочивте новиот проект. Под ваша команда се кочи и носењето на ДУП-ови кои во општината треба да донесат инвестиции вредни повеќе од 20 милиони евра.

Дури ни во време на сериозна здравствена криза вашите команди не запреа, па пробавте преку вашите советници да направите драматични сцени за наводна грижа по здравјето на граѓаните, кои со години без милосно го осиромашувавте, газевте и потценувавте.

Граѓаните многу добро знаат кои сте и што правевте сите овие години назад. Граѓаните знаат да ги препознаат вашите лаги, но и скапо да ги казнат.

Искрено ве жалам што и вие и вашата партија, се уште се служите со истата тактика која треба да сте свесни дека одамна не ви помага. Жалам што немавте доблест да признаете ниту еден реализиран проект досега во општината. Да речете дека тоа е добро направено, дека сте среќни иако не сте го направиле вие тоа. Жалам што наместо да се придружите на патот кои Гази Баба го оди напред, вие давате наредби вашите војници тој пат да го минираат и полнат со пречки и блокади.

Ова многу пати сум ви го порачал преку вашите советници, ама еве и сега да ви повторам. Јас ниту се плашам, ниту ќе се плашам, од вас и вашите подли удари. Вашите лаги и блокади за ситни поени нема да ме запрат, туку напротив уште толку ќе ме однесат напред. Вашиот советник повеќе сега пробајте да го искористите на развој, а не за блокади во иднина.

Затоа да продолжиме да го работиме она што најдобро го знаеме. Вие продолжете со вашите лаги, бидејќи во тоа сте најдобри, а јас ќе продолжам да градам и да носам развој во општината, како што покажав дека умеам.