ГЕНЧОВСКА ВО ПОСЕТА НА ОПОЖАРЕНИОТ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ,,ИВАН МИХАЈЛОВ” : ИНЦИДЕНТОТ ВО БИТОЛА НЕМА ДА ГИ НАРУШИ ОДНОСИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

0
661

Палењето на клубот во Битола нема да ги наруши односите меѓу двете земји, рече министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за време на денешната посета на опожарениот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.

Шефицата на бугарската дипломатија денес и утре ќе престојува во работна посета на Македонија која се реализира на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи, а е во функција на дијалогот меѓу двете министерства за адресирање на отворените билатерални прашања, согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и прашањата за евроинтеграцијата на Македонија.

Генчовска во Битола се сретна и со претставници од битолската полиција.

„Како што ме увери началникот на битолската полиција преземени се сите мерки и во најскоро време ќе следат резултати. Се надевам на конечни резултати за да има конечна пресуда за извршителот“, рече министерката.

Таа, одговарајки на новинарско прашање, рече дека ова никогаш не би можело да биде провокација од бугарска страна. Сепак, истакна дека името на клубот нема да се менува и дека со министерот Османи продолжуваат со, како што рече, многу конструктивниот дијалог.

„Мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот“, рече Генчовска.

Во врска со прашањето дали Бугарија ќе го дигне ветото во јуни Генчовска рече дека тоа зависи од Македонија и европските партнери.

Денес откако претседателот на државата Стево Пендаровски го осуди палењето на објектот на бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“ во Битола кое се случи во раните утрински часови и премиерот Димитар Ковачевски рече дека „во 21 век со палење и опожарување не се постигнува ништо“. А до јавноста се обрати и министерот Османи велејќи дека ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина.

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на Фејсбук оцени дека палењето на Културниот центар „Иван Михаjлов“ е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што започна веднаш по отворањето на клубот.

„Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, напиша Јотова.