ГЕНЕРАЛОТ ГО ПРЕКИНА МОЛКОТ: Јас, Талат Џафери и македонските лицемери

0
1497

Тоа што Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ избраа поранешен командант од УЧК за министер за одбрана и не е толку страшно. Страшно е тоа што, само 36 дена подоцна, на локалните избори што се одржаа на 24 март 2013 година, повеќе од 400.000 македонски граѓани, од кои безмалку сите етнички Македонци, гласаа за ВМРО-ДПМНЕ.

Значи, на повеќе од 400.000 Македонци, подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, воопшто не им пречеше изборот на поранешен командант од УЧК за министер за одбрана и без око да им трепне гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, иако можеа во знак на револт, предупредување или казна, да гласаат за некоја од другите кандидатски листи.

Како и да е, со горчина во душата, ја прифатив суровата вистина. На мојот народ, на македонскиот народ, му беше сеедно тоа што командант од УЧК стана министер за одбрана и со својот глас ги награди оние што го избраа Талат за министер за одбрана.

Седнав и сериозно размислив. Што направив досега и што треба да направам отсега?

Што направив дотогаш, што направив потоа

Најпрво одржавме неколку прес-конференции и други јавни настапи по опозициските медиуми. Потоа, денот кога Талат требаше да биде избран во македонското Собрание, со група луѓе од Достоинство отидовме пред влезната врата на Собранието. Стоевме и на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што влегуваа внатре им делевме леток со информации кој е Талат Џафери, зошто не треба да биде избран за министер за одбрана и воедно ги молевме да не гласаат за него. Доволно беше само 5-6 пратеници мажи од ВМРО-ДПМНЕ да не го стиснат копчето „за“ и Талат немаше да стане министер за одбрана. Но, како послушна војска, сите до еден, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа „за“ поранешниот командант на УЧК да стане нов министер за одбрана.

Потоа се обидов во живо, очи во очи, да му објаснам на Талат зошто не треба да биде министер за одбрана. Дебатата на ТВ Алсат помеѓу мене и Талат Џафери до ден остана една од најгледаните емиси на сите времиња. За жал, во една напната, но фер атмосфера, не успеав во намерата да го убедам Талат Џафери да се повлече од функцијата министер за одбрана.

Но ние од Достоинство не застанавме овде. Продолживме со организирање протести пред Собранието на РМ. На протестите доаѓаа по неколку стотини луѓе. И толку. На другите како да не им беше гајле тоа што поранешен командант од УЧК стана министер за одбрана. Вклучувајќи ги и лицата што сега се јавуваат како силно загрижени бидејќи Талат Џафери стана претседател на Собранието.

Потоа сфативме дека само народот, со масовна, легална и законска акција, може да ја исправи оваа голема и за нас, бранителите, мачна неправда и започнавме референдумска иницијатива со четири референдумски прашања.

1) Дали сте за или против Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија?

2) Дали сте за или против автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија со кое се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор извршители на воени злосторства против цивили во конфликтот од 2001 година?

3) Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да вршат јавни функции во Република Македонија?

4) Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да добијат посебни права утврдени со закон?

Нормално, иако кај нас се разбуди надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе нѐ остави на раат да собираме потписи, сепак тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељановски ја отфрли нашата иницијатива и не ни дозволи да започнеме со собирање на потребните 150.000 потписи, за кои од оваа временска дистанца мислам дека немавме шанси да ги собереме.

И толку. Ги исцрпивме сите законски решенија и демократски можности, но не успеавме. Талат Џафери и ВМРО-ДПМНЕ нѐ поразија. Машки е да се признае. Талат си остана министер за одбрана, а ние од Достоинство слаба и невлијателна опозиција.

Затоа, сите сегашни напади врз изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието ми делуваат некако неискрено и малку повеќе лицемерно.

Сосем за крај. Претседателе Талат Џафери, нека ти е со здравје претседателскиот мандат. Ние може да негодуваме колку што сакаме, но тебе Македонци те избраа за министер за одбрана, Македонци те избраа за претседател на Собранието. Затоа биди умерен, разумен и законит. Да не го забораваме минатото, но да се бориме за иднината. Државата мора да оди напред. Бидејќи, Македонија ни е сѐ што имаме.

Генерал Стојанче Ангелов