ГЕВГЕЛИЈА ДОБИ СТАНИЦА ЗА МЕРЕЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО ПРОЕКТ НА ЕВРОПСКА УНИЈА ОД 970.000 ЕВРА

0
1134

Гевгеличани во иднина ќе знаат каков воздух дишат и колку тој е загаден со ПМ10 честички откако беше ставена во функција мониторинг станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Станицата е дел од заедничкиот проект со Грција „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион“, кој во земјава го имплементираа Цeнтарот за климатски промени од Гевгелија и Министерството за животна средина, а го финансира ЕУ, за што во Гевгелија беше присутен и евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Загадувањето на воздухот станува животен феномен со долгорочни импликации по здравјето на луѓето. Затоа и посветеноста на ЕУ за намалување на загадувањето на воздухот е од приоритетно значење. Во инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, донесен минатата недела, посебно внимание се посветува на Златната агенда, во која загадувањето на воздухот се смета за уште еден голем предизвик по пандемијата со ковид-19“, рече Гир

Мерната станица е опремена со повеќе инструменти и ќе дава резултати на часовна и дневна концентрација на азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглероден моноксид и озон, а ќе ги отчитува и опасните ПМ10 честички. Ќе биде поврзана со националниот софтвер и мониторинг мрежа за следење на квалитетот на воздухот, со која управува Министерството за животна средина

„Со поставувањето на мониторинг станицата во Гевгелија, првпат ќе се воспостави механизам за редовно следење на квалитетот на воздухот и на изворите на загадувањето во овој прекуграничен регион. Истовремено, ќе се подигне свеста за заштита“, рече градоначалникот Сашо Поцков.

Целиот проект изнесува околу 970.000 евра. На македонска страна, со проектот се заменети и мерните инструменти на станицата Битола 1, информираа од Центарот за климатски промени.