ВРЕМЕ Е ДА ПИКНЕМЕ НЕКОЈ ВЛАДИКА ИЛИ ОЏА ВО ЗАТВОР: ВЛАДИКАТА АГАТАНГЕЛ ГИ ПОВИКА ВЕРНИТЕ ЧЕДА ШТО ПОМАСОВНО ДА ДОЈДАТ ВО ЦРКВИТЕ ЗА ЗАДУШНИЦА СО ВАРЕНА ПЧЕНИЦА И ВИНО, ВЕЛЕШКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КОЦЕВСКИ ПОБАРА ОД МВР САНКЦИИ ЗА ПОВИКОТ

0
1124

Во Велес, две од четири цркви, „Св. Спас“ и „Св. Пантелејмон“ се со гробишта, каде што имаат гробни места поголемиот дел од велешките семејства. – Црквата „Св. Спас“ (Фото: СДК.МК)

Повардарската Епархија на МПЦ-ОА ги повика верниците од црквите во велешко, кавадаречко, неготинско и гевгелиско, масовно да ги посетат храмовите за Задушница. Иако Владата, како превентива од заразата со КОВИД-19 забрани посета на гробиштата во целата земја, а за Скопје, Куманово и Штип одреди целосен полициски час претстојниот продолжен викенд, додека за другите градови делумен, на црквата не и пречеше да ги повика верниците во храмовите.

„Се повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите петок и сабота, во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите , дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели. Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“, напишаа на соопштението на Повардарска епархија, каде митрополит е владиката Агатангел.

Во Велес, две од четири цркви, „Св. Спас“ и „Св. Пантелејмон“ се со гробишта, каде што имаат гробни места поголемиот дел од велешките семејства.

На овој повик реагираше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој посочи дека во време кога во земјава се бележат голем број на заразени со коронавирусот, не е во ред црквата да се поставува над државата.

„Македонија е секуларна држава и точно се определени нивните права и обврски и тие се одвоени од државата. Ги повикувам надлежните од Повардарска епархија да ги применуваат уредбите кои ги носат надлежните државни органи. Црковните лица, владиците и оџите не можат да бидат над законите. Ако тие не ги почитуваат МВР е должно да покренат соодветни санкции против тие што повикуваат и поттикнуваат, да не се почитуваат законите“, изјави Коцевски.