Во „Триглав осигурување“ откриени измами вредни 263.000 евра

0
1642

Покрај управувањето со останатите ризици, „Триглав Осигурување“ на организиран начин превентивно делува и на полето на совладување на ризиците од измами, соопшти компанијата во годишниот извештај за работењето објавен преку Македонската берза.

Преку функционирањето на Службата за спречување, откривање и истрага на измами (СПОРП) „Триглав Осигурување“ применува политика на нулта толеранција кон измами и се залага за сеопфатна примена на добрите пракси и насоки на меѓународните организации како ACFE (Association of Certified Fraud Examiners) и IAIS (International Association of Insurance Supervisors).

Оттаму велат дека со последните активности во доменот на управување со ризици од измами, преку носење низа нови интерни акти и со зајакнувањето на функцијата Усогласеност на работењето, СПОРП во иднина ќе се специјализира исклучиво на совладување на ризици од измами кои се поврзани со осигурување (полиси, премија, превземање на ризик, штети и сл.).

Управувањето со ризиците од интерни измами во другите области на работа на Друштвото (маркетинг активности, 37 спонзорства и донации, вложувања и инвестиции, набавки и сл.) ќе преминат во надлежност на координаторот за Усогласеност на работењето.

„Финансискиот ефект (детектирани измами и стопирани исплати на штети) од вкупно 21 завршена истрага во текот на 2015 година изнесува 263.402 евра. Во истиот период, на иницијатива на СПОРП, заедно со уште 4 други осигурителни друштва, беше поднесена и една кривична пријава против вкупно 7 лица вмешани во причинување измами кај АО и Каско осигурување“, соопшти компанијата.

Оттаму велат дека капацитетите за навремено откривање на измами во осигурување биле дополнително зајакнати со меѓународни стручни обуки на 4 лица од секторот за штети и регреси и од СПОРП, кои се здобиле со меѓународно признати сертификати за лиценцирано користење на специјални уреди за отчитување на податоци од електронските уреди на поновите возила (CDR-Crash data retrieval уреди).

„Со овие обуки, вработените од „Триглав Осигурување“ всушност ги стекнаа првите 4 лиценци во Македонија за користење на “CDR” уредите за авто-форензика од реномираниот германски произведувач “BOSCH”. Со воведувањето на овие нови технологии и со усовршувањето на знаењата кај вработените вклучени во борбата против измамите, „Триглав Осигурување“ добива уште еден нов, ефикасен одбранбен механизам, насочен кон заштита на капиталот на друштвото од правно неосновани одливи на средства за осигурителни или друг вид на измами“, соопшти компанијата.

Извор : Е-Магазин