Во резиденцијата на САД, денеска продолжуваат преговорите на партиите

0
1650

Претставниците на политичките партии денеска во 14 часот во резиденцијата на САД во Скопје ќе ги продолжат преговорите за излез од политичката криза, јавува „Мета“.

Oд делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека амбасадорот Аиво Орав е на консултации во Брисел, па на преговорите ќе присуствува еден од неговите заменици.

Во петокот попладне, по шестчасовни преговори, партиите не успеаја да постигнат конечен договор.

По завршувањето на преговорите, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека е оптимист и дека имало извесен напредок. Тој напомена дека за време на викендот ќе им остават простор на партиите да размислат во однос на предложените опции.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, го поздрави напредокот на преговорите, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање.

На преговорите, СДСМ бара целосни ингеренции за министерот за внатрешни работи, додека ВМРО-ДПМНЕ е за ограничени овластувања. Партиите веќе постигнаа договор за избирачкиот список, за ад хок телото за контрола на медиумите и за главен и одговорен уредник на јавниот сервис.