ВО ПОНЕДЕЛНИК ЦО НА СДСМ ЌЕ ГО НАЗНАЧИ ОФИЦИЈАЛНО ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ ЗА ПРВ ЧОВЕК НА ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА, ВО СРЕДА ЌЕ ГО ЗЕМЕ МАНДАТОТ ЗА ФОРМИРАЊЕ НА НОВА ВЛАДА

0
844

Ако првично беше планирана за среда, сепак, седницата на Централниот одбор на СДСМ, на кој треба да се избере ново партиско раководство, ќе се одржи во понеделник.

Како што пред неколку дена изјави за Фокус новиот партиски лидер Димитар Ковачевски, тој ќе го предложи Миле Зечевиќ за генерален секретар на партијата.

Тој не сакаше да открие други имиња од најтесното раководство, но едно новите имиња што неофицијално се споменуваат е градоначалникот на Валандово Перо Костадинов.

Тој во изјава за Фокус денеска рече дека и стои на располагање на партијата, посочувајќи дека тоа ќе го одлучат партискиот лидер и телата на СДСМ.

Инаку, се очекува Фатмир Битиќи да остане потпретседател на СДСМ, но и вицепремиер за економија во владата.

Во меѓувреме, Радмила Шекеринска, Венко Филипче и Мила Царовска најавија повлекување од ресорите за одбрана, здравство и образование, додека Оливер Спасовски, како што пишувавме, се очекува да остане министер за внатрешни работи.

Инаку, претседателот на државата Стево Пендаровски се очекува во среда да му го додели мандатот за составување на нова Влада на новиот лидер на СДСМ Ковачевски, кој го наследи Зоран Заев.

Оттогаш, почнува да тече рокот од 20 дена во кој новиот мандатар треба на Собранието да му го достави составот и програмата за работа на новата Влада.