ВО КРУШЕВО ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРЕМИЕРАТА НА КОМЕДИЈАТА ,, ЕДЕН МАЖ И ПОВЕЌЕ ЖЕНИ”

0
862

„Еден маж и повеќе жени” е наслов на театарскиот перформанс кој на 17 септември, во 19 часот и 30 минути, премиерно ќе биде претставен пред публиката во старата училишна зграда „Никола Карев”, во Крушево, некогаш позната како Театар Крушево.

Текстот е работен по мотиви на истоимениот драмски текст од Леонид Зорин, чиишто превод, адаптација и режија се на Захарија Ангелеска. Ова е нејзин четврт авторски проект и за првпат ќе биде поставен не само на театарската сцена во Македонија, туку и на сцената во ново реновираната и повеќе наменска зграда, која е предвидена за Младински културен центар во градот Крушево.

“ ‘Еден маж и повеќе жени’, е претстава која ве поканува во светот на Гарунски, маж кој е зашеметен од низата изненадувања кои му ги приредуваат жените околу него. Создадени од истата природа, жени обединети, кои постојано се менуваат – една е премногу обична, друга премногу вознемирена, една премногу добра, друга премногу авторитетна, трети очајни или неизлечиво романтични, успеваат да го трансформираат Гарунски во мажот на денешницата. Тоа е една константна борба помеѓу половите – тема која потсетува на разноликоста и спектарот на нивните мисли и дејствувања. Но, ако некогаш беше актуелно дека мажите се од Марс, а жените од Венера, денес ќе се запрашаме од каде всушност доаѓаат нашите битија и на што сè се подготвени, за да остават трага во историјата на своето постоење. Оваа претстава преку нејзината едноставност ќе ви ја долови деликатноста на прашањето ‘Што сум јас?“, вели режисерката Ангелеска.

Во театарскиот перформанс играат Михајло Миленкоски, Захарија Ангелеска, Аница Бебиќ. Костимите и илустрации се на Маја Џеповска, а музиката на Оливер Јосифовски.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, а поддршката е добиена и од Општина Крушево.