ВО ИДРИЗОВО СПИЈАТ ПО ДВАЈЦА ВО ЕДИНЕЧЕН КРЕВЕТ, А ЕДЕН СЕ СНАШОЛ, СИ СТАВИЛ ДУШЕК НАД ТЕЛЕВИЗОР, ВО КУМАНОВСКИОТ ЗАТВОР ИГРАЛИШТЕТОТО Е СО ЕДНА СТАТИВА

0
1153

Проблем е што судени лица од затворено одделение, меѓу кои се и фатените и вратените од бегство, по закон не може да се шетаат и преместуваат во полуотворено одделение или на други места каде што има слободни кревети. (Фото: СДК.МК)

Затворите во Македонија, особено тој во Идризово, го достигнаа врвот на пренатрупаноста и според последниот извештај на Хелсиншкиот комитет и Млади правници од ноември минатата година, во делови од објектите нема основни хумани услови за престој.

Во затвореното одделение на КПД Идризово во јули, кога надвор температурата била над 40 степени целзиусови, била нотирана пренатрупаност во просториите за сместување, конкретно во блоковите 1, 4 и 7. Затвореници спиеле во ходник, на под, а во некои соби биле затекнати по 12 до 13 затвореници во една соба, сместени на кревети на 3 ката.

„Тушевите во тоалетите во сите соби се сè уште импровизирани и направени од буриња, а во некои тоалети затворениците се тушираат со кофи. Осудениците кои спијат во ходник, немаат свој тоалет и мораат да ги користат тоалетите на осудените лица кои имаат соба“, вели извештајот за затвореното одделение во Идризово, кое ќе се реконструира евентуално ако успее тендерот во мај, во втората половина од годинава.

Целокупната електрична инсталација е отворена, се наведува во извештајот, и претставува висок ризик за настанување пожар или друг инцидент. Импровизирани справи за греење на вода се користат од осудените лица кои, исто така, претставуваат ризик по нивниот живот.

„Во првото крило беа затекнати 7 осуденици, во четвртото 5 осуденици, а во седмото 4 осуденици кои спијат на под. Еден осуденик од првото крило спиеше на душек на под во една од собите, во четвртото крило двајца осуденици беа затекнати како спијат на еден единечен кревет во ходник. Осуденик во четвртото крило спиеше на кревет кој немаше даски, па самиот поставил телевизор под душекот за да може да спие. Еден од осудениците во седмото крило спиеше на ќебе послано на под. Во целата зграда, а особено во блоковите каде беше забележана пренатрупаност, имаше многу ниско ниво на хигиена“, пишува во деталниот извештај.

Дополнително, осудениците го информирале мониторинг тимот дека во тие жешки денови 2 до 3 недели немале вода, поради што не можеле да се тушираат, да одржуваат лична хигиена, ниту пак да си ги измијат садовите во кои јадат.

„Од тие причини во зградата се ширеше лоша миризба, а беа забележани и многу неизмиени садови во ходниците кај собите полни со муви и други инсекти“, утврдиле претставниците од Млади правници и од Хелсиншки комитет.

Тимот при посетата на шеталиштето видел терен за фудбал, со една статива.

„Шеталиштето за затворениците во затворено одделение и самица беше празно, со поставен само 1 гол за фудбал“, нотирано е во извештајот.

И во затворот во Штип има пренатрупаност, па осудените лица за кои немало место, биле сместени во просториите за самица. И таму фали психијатриски надзор, за време на посетата директорот се пожалил и на недостиг на лекови.

Во затворот во Тетово летото се туширале само еднаш неделно поради недостиг на вода. Со изјави за согласност, затворениците биле будени ноќе околу три часот, кога имало притисок, кога надоаѓала вода, па така да се избањаат. И таму е констатиран недостиг на постојан, иако се барал и засилен психијатриски надзор.

Здравствената заштита на осудените и на лицата лишени од слобода е во надлежност на Министерството за здравство, а не на затворите.

За сите овие забелешки, Хелсиншкиот комитет и Здружението Млади правници имаат дадено препораки за отстранување на состојбите. Нотирани се и убавите работи, напредокот, но пренатрупаноста е уште нерешен проблем.

Од неодамна амбасадата на САД како помош за подобрување на условите во казнено-поправните установи кај нас со свои средства ангажирала експерт во оваа област, со кого склучила двегодишен договор. Ален Колингс е експертот кој моментално прави обиколка во затворите, за да ги конципира, како што ни кажаа од Управата за извршување на санкциите, своите чекори за помош во подобрувањето на состојбите во овие институции.

Помошта ќе биде како материјално-техничка, која ќе се однесува на безбедноста на она што се внесува во затворите, така и во обуки на затворскиот персонал против корупција.

ИЗВОР : СДК.МК