Во ДКСК нема хартија, а камоли ресурси за проверка на сите судии

0
839

Малите кадровски и технички ресурси отвораат сомнеж дали Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе може ефикасно да одговори на задачите што ги зацртала за наредната година.

„Во тек е подготовката на Националната стратегија врз основа на анализата на ризици. Согласно со утврдените ризици во споменатата анализа, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб (судиите и јавните обвинители) ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година“, соопшти ДКСК.
Од Комисијата соопштија дека Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе врз основа на законските надлежности, согласно со расположливите човечки и материјално-технички капацитети на ДКСК.
Но, токму тие капацитети не влеваат надеж дека проверката ќе биде брза и ефикасна.

„Го немаме потребниот софтвер кој со еден ‘клик’ ќе ни овозможи пристап до базите на податоци во повеќе институции. Тоа многу би ни ја олеснило работата, но таков софтвер немаме. Има огромна волја, но не и доволно кадровски ресурски. Седум членови на Комисијата и сегашниот број на соработници, не се доволни за овој обем на работа. Колку за илустрација, во моментов немаме ни хартија, чекаме да заврши јавната набавка“, велат извори од ДКСК. Тие посочуваат дека состојбата може малку да се подобри ако се реализираат планираните вработувања на 20 соработници во наредната година.
Комисијата во јануари ќе се сели во нови простории, па и во тој процес ќе се изгуби одредено вереме, додека да се монтира опремата – компјутерите и серверите.

Проверка на судиите – веднаш!

ДКСК е една од институциите кои премиерот Заев ги повика „веднаш да почнат со проверка на имотот на судиите, обвинителите и членовите на нивните семејства, заедно со УЈП, Катастарот, Централниот регистар, МВР и Финансиската полиција”. Заев ја повика и Европската комисија да го активира инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Нашите соговорници од ДКСК се сомневаат дека Комисијата ќе успее во догледно време да ја заврши таа обврска.
„Ако за девет месеци не успеавме да ја провериме имотната состојба на четири-пет судии, колку време ќе треба да ги провериме сите судии, а ги има околу 500“, велат извори од Комисијата. Тие потсетуваат дека сѐ уште не е завршена постапката што на крајот од март ја започна ДКСК – испитување дали постои злоупотреба и коруптивни дејствија кои ги сториле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска, судијката Софија Лаличиќ и Светлана Костова од Вишиот управен суд, како и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски.

Овие судии се најдоа под лупата на ДКСК по Извештајот на Стејт департментот за човековите права за 2018 година во Македонија, во кој меѓу другото беше посочен специјалниот извештај на СЈО за четворицата судии кои биле инволвирани во „флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотреби“, како и извештајот за електронската распределба на предмети според АКМИС-системот, во време кога со Кривичниот суд раководел судијата Владимир Панчевски.

Девет месеци подоцна таа постапка не е завршена, наводно, поради претходни недоразбирања околу тоа дали Финансиската полиција може да постапува по барањата на ДКСК без посебна наредба од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Сега тие недоразбирања биле надминати.
Административна или темелна проверка на имотот?
Како што соопшти ДКСК, законските надлежности на Комисијата во делот на следењето на имотната состојба се спроведуваат преку проверка на вистинитоста на податоците внесени во анкетните листови, како и испитување на имотната состојба доколку има основано сомневање дека имотот на лицето е несразмерно зголемен во споредба со неговите редовни примања и примањата на членовите на неговото семејство.
„Проверките на тие податоци во 90 отсто од случаите покажуваат дека нема никаков проблем. Вистинската можна несразмерност во зголемувањето на нечиј имот не може да се утврди на овој начин, доколку имотот е препишан на членови на семејството кои не се опфатени со оваа проверка. Тоа значи дека се потребни дополнителни активности и на ДКСК, но и на други институции, што постапката ја прави обемна и бара многу време, а јавноста чека брзи разултати“, укажуваат од Комисијата.

Пријавениот имот не мора да соодветствува на реалната состојба
На фактот дека пријавениот имот не мора да соодветствува на реалната состојба, укажа и судијката Добрила Кацарска во минатонеделното интервју на емисијата „360 степени”.

„Комисијата за антикорупција веднаш може да почне да го проверува нашиот имот и тоа не оној што е само на наше име. Има судии кои купуваат имот на име на сестра, на брат…“, изјави Кацарска.
Полесниот дел од обврските на ДКСК, условно речено, е следењето на состојбата на судирот на интереси. Комисијата ќе ги проверува податоците од изјавите за интереси кои се однесуваат на работни места, членство во управни и надзорни одбори, здруженија на граѓани и фондации и други податоци кои се однесуваат на избраните и именуваните лица и членовите на нивните семејства.

Извор: ДВ