ВО ГОЛЕМА КООРДИНИРАНА АКЦИЈА СУЗБИЕНА ОРГАНИЗИРАНА КРИМИНАЛНА ГРУПА КОЈА КРИУМЧАРЕЛА ХЕРОИН ВО ХРВАТСКА, ПРИВЕДЕНИ ТРИ ЛИЦА

0
369

Денеска (29.09.2022) полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, како и СВР Тетово – ОВР Гостивар и СВР Куманово во раните утрински часови спроведоа координирана акција по насоки на Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на четири локации на подрачјето на Тетово, Гостивар и Куманово, при што се лишени од слобода три лица.

Имено, оваа акција беше реализирана по повеќемесечна паралелна криминалистичка истрага на припадниците на Одделот за криминалистичка полиција со полициските службеници од хрватската полиција – Оддел за борба против криминалитет – дрога од полициската управа Истра и Националниот уред за сузбивање на корупција и организиран криминалитет на Р.Хрватска. Истрагата беше во координација и соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и хрватскиот Уред за сузбивање на корупција и организиран криминалитет (УСКОК) – Риека, а со логистичка поддршка на Канцеларијата на ГИЗ, за меѓународно злосторничко здружение составено од наши и хрватски државјани кои криумчареле хероин, при што секој припадник имал различна улога во набавка, продажба, чување, транспортирање и посредување во купопродажби на хероин на подрачјето на Истра, Далмација и Загреб, и на тој начин на подрачјето на Хрватска извршиле продажба на 4,2 кг хероин, при што биле лишени од слобода повеќе лица.