Во брза и ефективна акција на МВР двајца креатори на „Јавна соба“ се уапсени и се гонат за детска порнографија

0
954

Полицијата во текот на вчерашниот ден по наредба на јавен обвинител од слобода ги лиши М.П (21) и Д.К. (32) од Скопје поврзани со групата Јавна соба, а за кои постојат основи за сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија” по чл.193-а од Кривичниот законик.

– На 04.02.2021 од страна на полициски службеници од СВР Скопје, Единица за економски и компјутерски криминал, по оформен предмет минатата година во ОЈО Скопје во врска со лица поврзани со групата ,,Јавна соба”, и издадени наредби во текот на вчерашниот ден од надлежен јавен обвинител, лишени се од слобода М.П.(21) од Скопје и Д.К.(32) од Скопје заради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Се додава дека М.П. и Д.К. како креатор и администратор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм ги сториле делата во периодот од 19.12.2019 до 28.01.2020.

-Во овој случај, МВР, како и до сега, постапи по барање на надлежен јавен обвинител и лицата се предадени на ОЈО за натамошна постапка, наведуваат во соопштението.

Претходно Основното јавно обвинителство соопшти дека Јавното обвинителство Скопје во текот на вчерашниот ден до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за лишување од слобода на две лица – креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. По наредбата е постапено и лицата се лишени од слобода.

Надлежниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија по член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Во периодот од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете, појаснуваат од Обвинителството и наведуваат дека поради постоење опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

-Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега беше неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи. По овие наредби и барања беа доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува, стои во соопштението.

Во врска со досегашните пријави од оштетени и жртви за определени членови на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, како што наведоа и натаму се прават проверки во предистражна постапка, па доколку се утврди дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности.​

Обвинителството ги охрабрува оштетените и жртвите од овој и слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела. МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител.

Воедно, Јавното обвинителство,како што стои во соопштението, ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“ кои во иднина треба да овозможат поефикасен прогон на овие кривични дела.