Вонредната состојба истекува в сабота, од продолжувањето зависи и датумот за изборите

0
595

Вонредната состојба, четврта по ред, истекува во сабота на 14 јуни, а каква ќе биде одлуката на Владата и дали ќе побара продолжување треба да се знае до петок.

Од тоа дали вонредната сотојба ќе биде продолжена или не, како и од развојот на ширењето на коронавирусот, според вицепремиерот Бујар Османи, ќе зависи и датумот за одржување на предвремените парламентарни избори.

-До петок ќа се знае ставот на Владата за вонредната состојба која заедно со мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата со пандемијата ќе бидат одлучувачки за датумот за одржување на изборите, изјави вчера Османи.

Тој повтори дека ставот на ДУИ се заснова на два основни принципа кои се константни, здравјето на граѓаните е пред кој било друг општествен процес и второ дека консензусот е важен за одржување на избори.

За ВМРО-ДПМНЕ изборите во овој момент се во втор план. Важно е, велат од партијата, државата да се посвети и да ја надмине корона кризата, која, како што посочуваат, ескалира во енормни размери и во овој момент изборите треба да се во втор план.

Членот на член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска истакна дека засега нема иницијатива за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски во однос на прашањето за изборите.

– Тоа што сега е важно и загрижувачки е она што власта нема контрола, нема систем за застанување на патот на оваа пандемија и тоа е повеќе од очигледно и тоа е на голема жалост за сите нас. Во однос на идната (лидерска) средба доколку има иницијатива сметам дека ние благовремено ќе ја разгледаме и ќе се произнесеме во однос на тоа прашање, додаде Василевска.

Ставот на СДСМ е дека се за избори на 5 јули, со цел државата да добие функционални институции, а со тоа и поефикансо справување со пандемијата.

Последната, четврта, одлука за 14-дневна вонредна состојба претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност ја донесе на 30 мај.

Донесувањето на оваа одлука, рече, има за цел само да им овозможи на Владата и институциите ефикасно да се справуваат пред се со, како што рече, здравствените, но и економско-социјалните предизвици поврзани со кризата предизвикана од кононавирусот и не треба да се доведува во корелација со изборниот процес.

Претседателот Пендаровски, почнувајќи од 18 март донесе три одлуки за прогласување вонредна сотојба. Првите две во времетраење од по 30 дена, а последната од 14 дена.

Одлуките на шефот на државата за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од Собранието, поради тоа што тоа беше распуштено. Ако парламентарниот состав не беше распуштен, наместо претседателот Пендаровски, Собранието ќе требаше да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.

Првите две одлуки за вонредна состојба беа оспорени пред Уставниот суд, но тој реши дека нема основа за поведување постапка за оценување на нивната уставност и законитост.