ВМРО-ДПМНЕ предлага прво да се усвои Буџетот, па во 19 часот да се распушти Собранието

0
969

ВМРО-ДПМНЕ предлага Собранието на Република Македонија уште денеска, во 17 часот, да закаже седница на која што прва точка ќе биде донесување на Буџетот за 2017 година, со што ќе се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и подмирување на другите потреби на граѓаните. Втора точка, која во целост ќе ја поддржи, предлага да биде донесување на одлуката за распуштање на Собранието и за неа да се расправа во 19 часот.

„Доколку СДСМ е убеден дека ќе ја добие поддршката на наредните избори, не е спорно на првата седница по конституирањето на новиот собраниски состав да предложи и изгласа ребаланс на Буџетот. Неносењето на буџетот ќе значи и потенцијален ризик и опасност од внесување на земјава и во финансиска криза, покрај политичката криза со која што се бориме и се обидуваме да ја надминеме. Со поддршката на агендата што ја предлагаме, СДСМ ќе докаже дека навистина има намера да излезе на избори и дека навистина се убедени дека државата веќе не смее да биде заложник на политичките интереси на Зоран Заев“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.