ВМРО-ДПМНЕ предлага Мијалков да биде премиер на преодната влада, Груевски негов портпарол

0
1465

Откако СДСМ даде ултиматум за закажување нова лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ возврати со реакција и конкретен предлог за решение на политичката криза.

mijalkov-grujo

„Нашата партија секогаш е конструктивна и се грижи за интересите на Република Македонија. Токму затоа ние се залагаме за разумен компромис и спремни сме дури и да направиме отстапки, ако тоа на долг рок донесе напредок за нашата татковина. Во тој дух, го даваме нашиот предлог на јавно разгледување во јавноста.

Не од септември или октомври, како што бара опозицијата, туку уште од утре Груевски би можел да си поднесе оставка и веднаш би можело да се изврши избор на нов премиер – технички, преоден, транзиционен, организационен, или како и да сакате да го наречете, кој би ја вршел функцијата се до изборите. Како предлог го нудиме екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков, кој е од експертската јавност, и познат како човек кој секогаш бил на браникот на татковината, прифатлив за сите партии и невладини организации. Сепак, бидејќи општо познато е дека тој е многу срамежлив и не сака да зборува во јавноста, во негово име, како портпарол, би се обраќал и би се појавувал Никола Груевски, кој е спремен на оваа жртва за Македонија.

Значи, Мијалков ќе седи во кабинет и ќе работи за доброто на Македонија, подготвувајќи ги и изборите, а Груевски ќе ја известува јавноста за исходот од работата. Доколку Заев не го прифати овој великодушен предлог ќе сметаме дека не и мисли добро на Македонија“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: Коза Ностра