Власта уплашена од специјалната обвинителка

0
1134

Преговорите меѓу четирите партии за отворените прашања нема да продолжат сè додека не се испочитува и спроведе Законот за Специјално јавно обвинителство, односно не се изберат предложените обвинители, соопштија денеска од СДСМ и побараа итна средба на четирите партии и претставниците на меѓународната заедница, пишува Радио Слободна Европа.

Всушност, преговорите за спроведување на договорот од Пржино, поради предлог-законот на пратениците од ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ Талат Џафери и Крсто Мукоски за необјавување на т.н. Бомби, посериозно запнаа и на седми октомври, ден откако истече рокот за договор за изборното законодавство.

Откако привремено се надмина тој проблем, а преговорите продолжија, дента кога конечно олеснувачот објави дека се договорени изборните измени, Советот на јавни обвинители одлучи да не го избере предложениот тим на Катица Јанева, со што повторно се блокираа.

„Се разбира дека и Советот на јавни обвинители и другите структури се инсталации на актуелната партија на власт и тие до последен момент ќе се обидуваат, ако не целосно да го попречуваат, тогаш да му ги намалат ресурсите на Специјалното јавно обвинителство за да не биде ефикасно и целосно подготвено да може да постапува и доколку е можно да се направи специјалната обвинителка да не може да поднесе пријави пред изборите зошто сметаат дека тоа негативно ќе се рефлектира врз предизборната кампања“, оценува аналитичарот Насер Зибери.

И според професорот Темелко Ристески владејачката гарнитура ги користела сите можни механизми за да ја спречи работата на специјалната јавна обвинителка.

„Тоа владејачката гарнитура го прави мислам поради тоа што постојат основи на сомнение дека се сторени тешки повреди на законитоста од сферата на кривичните дела, кривичната одговорност и владејачката гарнитура ги користи сите механизми да не се најде под ударот на правдата за тие повреди на законитоста“, вели Ристески, според кого немало друг излез за владејачката партија освен целосното спроведување на договорот од Пржино на што ќе инсистира меѓународниот фактор.

Поради стопирањето на разговорите на работната група, пак, тој смета и дека е отворено прашањето дали до вторник ќе се изберат и новите министри од СДСМ и замениците од ВМРО-ДПМНЕ, со што уште еден рок предвиден во договорот од Пржино ќе се прекрши, а со тоа ќе се доведе во прашање и одржувањето на изборите на 24 април. Според Зибери, сепак разговорите треба да продолжат за другите теми.

„Мислам дека овие се одвоени процеси и секој сегмент од договорот треба да се исполнува во времето кое е предвидено во договорот, доколку се разбира не постојат спротиставени ставови како што се ставовите околу пакетот изборни закони“, вели Зибери.

Според договорот, до вторник на СДСМ треба да му припаднат челните места во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјала, во кои ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои заменици, а такви позиции опозициската партија треба да ги добие во Министерствата за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација.