ВЛАДАТА ПОДГОТВУВА ПЛАН ЗА ОТВОРАЊЕ НА ГРАДИНКИТЕ

0
1034

Комисијата за заразни болести утрово разговарала за отворање на градинките, чие повторно отворање мора да го следи олабавувањето на мерките.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека за нив ќе има посебен протокол за работа со оглед на тоа што постои ризик децата да бидат во трансмисија на коронавирусот.

Тој вели дека се разгледува како да се организира работата на градинките бидејќи, според него, тие мора да функционираат.

„Сè уште траат консултациите за што ќе стапиме во контакт со самите градинки за да се изработи посебен протокол. Свесни сме дека навистина е тешко и тоа е голем предизвик затоа што децата нормално дека се во ризик да бидат трансмисија на болеста. Многу тешко таму може да се одржуваат правилата. Сакаме да донесеме план кој ќе може да се спроведе. Градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа, така што, дозволете, во наредните денови, кога ќе биде готов планот, да дадеме повеќе информации како и на кој начин градинките ќе почнат да работат“, рече Филипче.

Тој исто така соопшти дека се работат и протоколи за работа за фирмите.

„До крајот на оваа недела сите протоколи ќе бидат завршени врз основа на анализите и од почетокот на следната недела тие ќе може да се применуваат“, додаде Филипче.