ВЛАДАТА НАРЕДИ ХИДРО СИСТЕМОТ ЗА ПОЛНЕЊЕ НА ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО ДА СЕ УПОТРЕБИ ЗА ПОЛНЕЊЕ НА БРАНАТА ПАЉУРЦИ СО ЦЕЛ НАВОДНУВАЊЕ НА СЕЛАТА ОКОЛУ БОГДАНЦИ, СТОЈАКОВО И ЃАВАТО

0
539

Обезбедени се услови за потребно наводнување земјоделски површини

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 72-ра седница, на која беа разгледани повеќе точки од нејзината Програма за работа и од интерес на граѓаните, ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата на Акумулацијата Паљурци, со задолжение Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да го стави во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро” да обезбеди доток на вода во акумулацијата Паљурци до максималните можности на системот и тоа во траење согласно потребите за нормализирање на нивото на вода во акумулацијата.
Со дотурот на дополнителни количини вода ќе се обезбедат услови за наводнување на земјоделските површини и би се избегнале дополнителни штети за земјоделците од Општина Богданци и населените места Стојаково и Ѓавато.

На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање беа усвоени и информациите за повеќегодишна јавна набавка за финансирање на активностите за изградба на фекална канализација во населеното место Страчинце, Општина Гази Баба, како и за финансирање на активностите на Проектот – Регулација на дел од Ободен канал во населено место Арачиново, Општина Арачиново и за финансирање на активности за реконструкција на системот за водоснабдување Богданци.

Овие проекти се дел од инвестициската програма на МЖСПП, во делот за финансирање проекти за водоснабдување и изградба на примарна и секундарна канализација, согласно со стратешките приоритети на МЖСПП за развивање современа и функционална водоводна инфраструктура, заштита на животната средина и подигање на степенот на социјален развој и квалитет на живот во сите општини во нашата држава.