ВЛАДАТА ГИ СЛУШНА КРИТИКИТЕ: Им дава рок од 15 дена на компаниите добитници на грантови да се изјаснат дали јавни функционери се нивни сопственици

0
1393

Директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, им даде рок од 15 дена на компаниите каде има сопственици кои се на јавни функции, а кои добија грант, да се изјаснат со испраќање допис до Фондот. Нивните апликации повторно ќе се разгледуваат за да се утврди дали има конфликт на интереси.

Деспотовски ја почна прес конференцијата велејќи дека е горд на тоа што го прави.

-Сопругата ми се јави и ми рече да изгледам горд на тоа што го правам затоа што навистина е така – рече тој.

Според него дека Фондот постапил исправно и транспарентно. 75 отсто од компаниите кои аплицирале, рече тој, добиле финансиска поддршка. Но не можеше да каже дали Фондот бил свесен за нивната сопственичка структура.

-Договори се уште немаме потпишано, ниту денар не е исплатен на компаниите. Да сакавме нешто да скриени ќе потпишевме договори па ќе ги објавевме резултатите. Секоја компанија има право да се повлече. Ќе ги повикам денеска сите компании во рок од 15 дена до нас да достава изјава во која ќе потврдат или негираат, односно да се изјаснат дали имаат во својата сопственичка структура лице носител на јавна функција или член на нивно потесно семејство – рече тој.

Иако компаниите требало да достават информации за сопственичката структура, тој додаде дека тоа не е критериум за оценување на апликациите, туку дека се разгледува за да се утврди дали доминантни сопственици се македонски државјани.

-Да им дадеме шанса на фирмите. Мојата вина и вина на Владата е во тоа што се охрабрила да воведе нешто што функционира во западните земји. Признавам може да има грешка, но да учиме од грешките. Ја разбирам реакцијата на јавноста, бидејќи системот во 11 години се злоупотребувал и имам потполно разбирање. Затоа покренуваме вакви чекори, затоа и функцинерите се изјаснија. Се сомневам дека имаме многу фирми каде што има функционери во нивната сопственичка структура – рече Деспотовски.