ВЛАДАТА ГИ ПОВИКА ОПШТИНИТЕ ДА СИ ГИ ПЛАТАТ СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА, СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ БАРААТ ВЛАДАТА ДА ИМ ГИ ПЛАТИ

0
986

Владата ги задолжи буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите за испорачана електрична енергија.(Фото: К.Попов)

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градоначалниците на скопските Општини бараат Владата итно да им даде пари за да можат да си ги платат сметките за струја. Од Владата пак ги повикуваат oпштините како и државните институции навремено да си ги плаќаат сметките за да може да има редовно снабдување со струја.

На состанокот на координативното тело на градоначалници на општините од Скопје кое го водеше градоначалничката Арсовска во вторникот, градоначалниците се пожалија дека сметките за струја им се многу високи, некаде зголемувањето е за 500 отсто и дека немаат начин со сопствени средства да ги подмират обврските. Како што велат градоначалниците, општините речиси целосно го имаат истрошено делот на редовниот буџет само за сметките за електрична енергија, а најголемиот дел од нив имаат средства за покривање на само уште неколку сметки, по што ќе недостигаат средства за реални проекти за граѓаните.

,Дел од градоначалниците кажаа дека покрај наследените милионски долгови, сега со зголемување на цената на електричната енергија, сметките за електрична енергија буквално ги јадат редовните општински буџети, кои чинат милиони евра на сметка на капиталните проекти кои се во интерес на граѓаните“, кажа градоначалничката Арсовска.

Од тие причини донесен е заклучок дека е потребна итна интервенција од страна на Владата и надлежните министерства за решавање на енергетската криза со која се соочуваат општините во Градот Скопје, за што ќе биде побаран и состанок.

Владата пак ги прифати заклучоците на Министерството за финансии со кои се задолжуваат буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите за испорачана електрична енергија.

„За подмирување на заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и плаќањето на фактурите за испорачана електрична енергија е донесена препорака до единиците на локална самоуправа и институциите во нивна надлежност, како и за јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост“, се вели во владиното соопштение.

Владата одобри 2,9 милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија. Со оваа одлука се задолжува ЕСМ овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.