Вице Заев : Секој ден праќам кола со хуманитарна помош некаде во земјава на сиромашни, најголем страв ми е дека децата ќе ми заминат во странство

0
2685

Вице Заев вели дека многу сака да пешачи, да вози велосипед, и тоа го прави преку цел ден кога е слободен. Но, откако се разболел од Ковид мора да паузира, така што помалку спортува додека не закрепне. Себе се смета за хуманитарец кој не сака да се рекламира.

– Моето семејство е познато по хуманитарната работа. Периодов мојата сопруга пазарува за децата без родители. Така е со години наназад, ние тоа никогаш не сме го рекламирале. Си знаат луѓето на коишто им помагаме, тие нас не благословуваат и од нив ја црпиме понатамошната енергија. На секој кому му треба помош лесно може да ме најде, сите знаат каде живеам, во фирмите може да дојде кој сака. На фејсбук страната на здружението пишуваат луѓе од цела Македонија. Јас за еден пакет пуштам кола, еве сега пратив пакет во Скопје, во Илинден, на неподвижна жена, вели Вице Заев.

Вели дека е семеен човек, а семејните дружби му се многу важни. Се плаши дека децата ќе му заминат во странство и нема да има кој да го продолжи семејниот бизнис.

– Не сакам децата да ми учат надвор од државата. Се плашам дека ако заминат на студии во странство, таму и ќе останат. Сакам да ми бидат тука и да продолжат со семејните бизниси. Има многу потенцијал во нашата држава, точно е дека некои работи треба да се сменат од економски и политички аспект, но имаат можност тука да останат и да работат. Ќерката Ева беше запишана на студии во Солун, но се префрли на Машински факултет, а синот е четврта година гимназија. Следната година ќе се запише на факултет, ќе му сугерирам да се запише во Скопје на факултет, ама ако сака во странство ќе му дозволам да се запише само во Солун, подалеку не го пуштам, вели Вице.