(ВИДЕО) Јанески: Поранешното раководство на „Водовод и канализација“ да објасни каде завршиле 5.000.000 денари за одржување на фонтаната пред „Комерцијална банка“

0
920

Раководството на ЈКП „Водовод и канализација“, во 2014 година склучило договор
за одржување на градската фонтана кај „Комерцијална банка“, во висина од
5.000.000 денари, додека пак сегашниот раководен тим на претпријатието со
800.000 денари, успешно ги одржува трите фонтани во градот.

Тоа, на денешната пресконференција го потенцираше актуелниот директор на
претпријатието, Емил Јанески, како одговор на прес на Општинскиот комитет на
ВМРО-ДПМНЕ, поврзан со одржувањето на фонтаните во градот.

„Вистина е дека Јавното комунално претпријатие, во изминатата 2019 година има
склучено договор за одржување на трите градски фонтани, во износ од околу
800.000 илјади денари. Притоа, јавноста треба да знае дека и во минатиот период
во време на владеење на Марјан Ристески, градските фонтани континуирано ги
одржуваше фирма избрана на тендер, од причини што ЈКП „Водовод и
канализација“ нема капацитет само да ги одржува градските фонтани.
Претрпријатието е конструирано за основната негова дејност: водоснабдување,
собирање, одведување и прочистување на урбани и отпадни води. Ако ги
погледнете договорите, може веднаш да ви падне во очи еден договор од 2014
година, со износ од 5.000.000 денари за одржување само на оваа фонтана пред
која денеска стоиме. Не треба да се биди посебно паметен или стручен, за да се
воочи разликата помеѓу договорот кој што го имам направено јас, во износ од
800.000 денари за одржување на трите градски фонтани, а тоа се: оваа пред која
стоиме денес, фонтаната пред ЦК ‘Марко Цепенков’ и фонтаната кај споменикот
‘Карпалак’ и договорот од 2014 година во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ за
слични или исти активности, поврзани со оваа фонтана пред која стоиме денес“,
изјави Јанески.

Директорот Јанески напомена и тоа дека ЈКП “Водовод и канализација“ – Прилеп,
во последните неколку години е едно од најуспешните претпријатија во нашата
држава и на Балканот, било тоа да станува збор за техничкиот напредок на
претпријатијето, или за неговата финансиска кондиција.

Јанески посочи и тоа дека, граѓаните се сведоци дека токму во овие моменти
“Водовод и канализација“ изведува градежни активности на повеќе од 10 локации
во градот, како и водоводни и канализациони линии, кои што претставуваат
капитални инвестиции, дополнувајќи дека во повеќе наврати ги повикува
претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на медиумско соочување.

“Во изминатиот период, на неколку пати во интерес на вистината повикував на
соочување со билo кој претставник од ВМРО-ДПМНЕ за дебата поврзана со
работењето на ЈКП “Водовод и канализација“ во време на владеење на ВМРО-
ДПМНЕ, и сега. Досега, ниту еден претставник од ВМРО-ДПМНЕ не смогна сили
да се соочиме, иако 12 години континуирано беа на власт и имаат лепеза на кадри
кои што учествувале во раководењето на претпријатијето без оглед дали биле во
дирекцијата, управниот или надзорниот одбор. Повторно ја користам оваа
прилика, сега да упатам апел и до претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Петар
Ристески и до поранешниот градоначалник Марјан Ристески, да ги соочиме
аргументите.Темите можат да бидат поврзани со работењето на ЈКП “Водовод и
канализација“, со пречистителната станица за која што милуваат да зборуваат или
можеби, за се што тој има направено во неговото 12 годишно владеење и да
споредиме со се’ она што има направено оваа локална власт, за овие двеипол
години откако Илија Јованоски е градоначалник на општината“, нагласи Јанески.