(ВИДЕО) ШИЛЕГОВ: ТЕШКО Е ДА ИМ УГОДИШ НА СКОПЈАНИ ЗАТОА ШТО СЕ НЕСТРПЛИВИ И САКААТ ГРАДОТ ДА СЕ СРЕДИ ОДМА КАКО СО МАГИЧНО СТАПЧЕ!

0
1484

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека се соочувал со критики при секоја идеја да се воведе ред во Скопје, но постепено станува видливо дека се менува начинот на живеење во градот.

-Кога почнавме да го регулираме Водно – каде го најдовте Водно, што не го средите градот. Па почнавме со столбчињата – до столбчињата ли дојде редот да го забранувате сообраќајот, што не го средите градот. Почнавме на Бит Пазар – до тезгаџиите ли дојде редот, што не го средите градот. Па со бостанџиите и со Буњаковец – бостанџиите ли ти дојдоа, што не го средите градот. Дојдоа моторџиите – што не го средите градот, вели Шилегов.

Паркирањето на мотоциклите е дел од воведувањето на ред во градот, вели градоначалникот и додава дека со моторџиите по средбата констатирале дека работат за заеднички интерес.

-Можноста е, ако сака моторџија да го остави моторот во катна гаража под надзор, тоа во моментов не го може бидејќи градот нема утврден ценовник. Сите се согласивме дека таа услуга градот ќе треба да ја наплати. Но факт е дека во европските градови има делови од јавниот простор за мотори и мопеди каде што паркирањето е бесплатно, објаснува градоначалникот.

За протестите на пазарџиите, рече дека градот сака да им помогне да влезат во системот, а веќе е забележлив редот создаден во некои делови како Бит Пазар, каде што дури и ќе се обележуваат велосипедски патеки.

За шпекулациите дека во Скопје ќе се градат кампови за мигранти, Шилегов повторно повтори дека нема таков план, туку дека апокалиптичните сценарија за Македонија структурите на претходната власт ги користат за да се извлечат од криминалите.

-Како град, заедно со МТСП во Визбегово работиме на проширување на капацитетот за згрижување на бездомни лица. Тој во моментов има капацитет за 80 лица, градот има околу 450 бездомни лица. Тоа е тоа што го зборуваме – на секој човек да му дадеме шанса, да го згрижиме, вели Шилегов.

За забележливата разлика во културниот живот во градот, Шилегов вели дека во тој домен може со многу малку напор и за кратко време да се воспостават стандарди.

-Концертот на Феми Кути, на трибјут бендот на Квин, двете кино проекции се порака до Скопјани – тоа се стандардите за коишто нивниот градоначалник работи за сите области во градот, вели Шилегов и додава дека очекува многу слично да биде околу новогодишниот период, за што веќе се почнати подготовките.

Овие стандарди ќе бидат и за секојдневието – за столпчињата низ градот, за новите контејнери, за паметното лед осветлување, реконструкциите на неколку главни сообраќајници и новите зелени велосипедски патеки.