Наместо објективно, избалансирано, навремено и вистинско информирање на граѓаните медиумите на Никола Груевски шират лаги и водат медиумска пропаганда во интерес на ВМРО-ДПМНЕ. Не само што се ставија во одбрана на срамните одлуки на Уставниот суд за изборните измами, медиумите на Груевски се натпреваруваат кој повеќе ќе одработи за ВМРО-ДПМНЕ, изјави Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
За десет дена, на МРТВ, Сител, Канал 5, Алфа и Тв Нова се емитувале позитивни прилози за ВМРО-ДПМНЕ во времетраење од 9 часа и 32 минути.
Негативни прилози за ВМРО-ДПМНЕ нема.
Ама затоа негативните прилози за СДСМ се во времетраење од 5 часа и 54 минути.
Ова го покажуваат податоците од мерењата, според мониторнг по идентична методологија утврдена од ОБСЕ/ОДИХР.
Затоа е потребна слобода на медиумите и затоа е неопходна регулација на медиумскиот простор во интерес на граѓаните.
Последниот случај со отпуштањето на новинарка од Сител телевизија е уште пример за притисок врз новинарската професија и директен удар врз слободата на говор во Македонија.
Крајно време е да се договорат чекорите и системските решенија за регулацијата на медиумите.
Без регулација на медиумите не може да има фер и демократски избори.