(Видео) Шекеринска: СДСМ поднесе 21 кривична пријава за дела против изборниот процес

0
985

Изјава за медиуми на Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ:

Денеска поднесуваме 21 кривична пријава против повеќе од 17 сторители на кривични дела против изборниот процес.

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=dinlpl8OX2M[/youtube]

Тоа значи дека кривичните пријави коишто ги поднесовме до Обвинителството опфаќаат: злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на лични податоци, присилба, предизвикување на општа опасност, фалсификување на исправи, противзаконско посредување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата за определување за време на изборите, повреда на тајноста на гласањето и злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања.

Сите тие 21 кривична пријава, базирани само на доказите коишто ги доставивме и до јавноста, за криминал за време на изборите, се веќе во Обвинителството.

Знаете дека не веруваме во објективноста, професионалноста и независноста на правосудниот систем во Република Македонија а откако излегоа сите овие докази и снимки на површина и јавноста веќе нема доверба.

Меѓутоа, поднесувањето на кривичните пријави го правиме со цел да покажеме дека ние ги почитуваме Уставот и законите на Република Македонија. Сакаме да оставиме и пишан траг во овие институции дека некој мора да сноси одговорност за недозволените криминални и незаконски дејствија за време на серија од изборни циклуси.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски не се криеше нели да ја обелодени, да ја потврди автентичноста на разговорите. Како ја толкувате неговата изјава, неговото потврдување? Сепак, тој беше третиот македонски јавен обвинител.

Шекеринска: Изјавата на поранешниот обвинител Шврговски потврдува две работи. Прво, тој е еден од најблиските луѓе на врхушката околу Груевски којшто потврди дека снимките се автентични. И тој самиот, со својата изјава, потврдува дека ниту некој креирал, ниту пак некој монтирал разговори. Тој ја потврди веродостојноста на снимките, но во исто време потврди како власта гледала на правосудството и на обвинителството. Со неговата изјава се потврдува дека за власта и луѓето блиски до нив, обвинителството било само продолжена рака на извршната власт, дека ниту било независно, ниту било самостојно. Тоа е кршење на основните уставни начела. Тоа ни покажува зошто во сите овие изминати години ниту еднаш Јавното обвинителство не се охрабри да поднесе кривична пријава против било кој од главните вршителите на власта, било за злоупотреба на службена позиција, било за криминал или за корупција.
Мислам дека изјавата на Шврговски го демантираше Груевски и неговите блиски во сите лаги коишто ги шират овие денови. Снимките се автентични и обвинителството цело време функционирало под директен политички диктат.

Медиуми: За бланко мениците на ВМРО-ДПМНЕ. Има ли место за некаква законска одговорност или не е предмет на ваш интерес?

Шекеринска: Предмет на наш интерес ќе бидат, практично, сите криминали или злоупотреби коишто сега веќе излегуваат на виделина со снимките коишто ги објавуваме. Меѓутоа, ние на неколку дена излегуваме со прес конференција, не можеме да стасаме со кривичните пријави. И факт е дека, ако ги слушате снимките само од една прес конференција, ќе сфатите дека само во една папка имате 20-тина кривични пријави и 20-тина или повеќе години затвор за луѓето коишто тоа го правеле.
Ова е дефинитивно повреда, не само на уставните начела, туку го руши принципот на поделба на власта. Кој е тој Парламент којшто може да ја контролира власта ако луѓето во власта држат меници или пишани оставки. Мислам дека сега веќе и на Никола Груевски ќе му биде тешко да тврди дека нема директна контрола врз судбините на своите пратеници. Можеби тоа е причината зошто Парламентот се уште молчи за овие скандалозни откритија коишто покажуваат дека Република Македонија е окупирана или киднапирана земја од страна на неколкумина луѓе во власта.

Медиуми: Како го толкувате цело време молкот на Претседателот на државата кој, едноставно, никако да се одважи за сите тие афери?

Шекеринска: Очекуван и срамен е молкот на Иванов. Начинот на којшто беше избран, начинот на којшто ја практикуваше својата функција во изминативе пет години, не нé тераше да очекуваме нешто повеќе. Но, во ситуација кога Република Македонија е во сериозна криза, навистина и ние сме шокирани дека тој продолжува да биде само нем сведок. Власта излезе со серија на смешни лаги, тој не собра сила дури ни да го свика Советот за безбедност, а замислете, неговите први соработници тврдат дека овдека ровареле странски служби. Тоа покажува дека дури ни Иванов не верува во лагите на Груевски.

Медиуми: МАНУ денеска излезе со соопштение со сериозна загриженост за политичката ситуација во земјава. Како го коментирате тоа?

Шекеринска: Мислам дека веќе нема граѓанин во нашата држава кој не е загрижен за состојбата. Нема човек којшто ја набљудува Македонија и од надвор кој не е загрижен. Она што очекуваме од сите одговорни и загрижени граѓани на Република Македонија е да се обидеме ваквата ситуација да ја промениме и да кажеме дека ова не е Македонија која граѓаните ја посакуваат. Македонија во која секој граѓанин треба да се плаши бидејќи човековите права се газат, бидејќи судството функционира под диктат, бидејќи институциите се претвориле во партиски штабови на ВМРО-ДПМЕ.  Јасно е дека македонската јавност имаше шанса да види што се случува зад сцената, кој ги влече конците и кој носи одлуки коишто ќе се одразат на оваа држава во следниве декади, кои ќе се одразат на животите на сите граѓани во неа. Во таа смисла и соопштението од МАНУ е во таа насока. Јас сметам дека би можело да биде и малку поексплицитно ама тоа е мое лично мислење.

Медиуми: Во овој контекст што очекувате од европските олеснувачи кои треба да дојдат? До каде е со формирање на тимот?

Шекеринска: Сеуште таа европска иницијатива е во зародиш и јас не би сакала да коментирам за нешто што сеуште не е многу прецизно . Меѓутоа ние уште од почетокот кажавме, оваа криза Македонија има сила да ја разреши. Но, секој којшто е сојузник, пријател и поддржувач на Република Македонија, треба и мора да помогне. И затоа сметаме дека нивно многу подиректно учество ќе биде добредојдено. Во Македонија сите граѓани изгубија верба во институциите заради тоа што е видливо дека тие институции биле партизирани, а потоа и приватизирани. И заради тоа дефинитивно треба да се обезбедат и дополнителни гаранции дека во Македонија ова веќе никогаш нема да се случи.

Медиуми: Ќе имаат ли ефект кривичните пријави? Што ако можеби, ете, дојдат во раце на некој од обвинителните кои ги договарала власта?

Шекеринска: Ние рековме дека илузии немаме, не сме наивни дека преку ноќ Обвинителството или некои други институции сами од себе ќе се ослободат. Меѓутоа ние мора да го направиме нашиот дел од задачата, нашиот дел од одговорноста, да ги поднесеме пријавите. Тие се пишан траг. Тие се и ќе станат одговорност на некои луѓе со име и презиме. Ги повикавме многуте професионалци, кои исто така работат во различни институции во државата, да им кажат не. После волку години да им кажат не на притисоците, да им кажат не на нарачките од Илинденска б.б и да покажат дека интегритетот постои во нашата татковина. Секој со својата одговорност. Ние ги оставаме и секој кој ќе ги прими овие предмети, ќе работи на нив, ќе биде и лично одговорен за начинот на којшто ја обавува својата обвинителска функција шкоја воопшто не е мала и незначителна.

Медиуми: Во тој контекст Јавното обвинителство испрати исто соопштение за меѓународни правни експерти. Дали според вас тоа е добро решение?

Шекеринска: Ние ставивме јасно до знаење. Првиот чекор за да имаме елементарно пристојна постапка е овој обвинител, за кој веќе има докази дека е дел од владината структура за контрола на процесите, мора да даде оставка. Мора да даде оставка и човекот одговорен за одделот за организиран криминал кој е инаку близок роднина на човек кој учествувал и го аминувал прислушувањето, Мијалков. После тие две оставки има шанси обвинителството да се ослободи од притисокот. И во тој случај, секако и меѓународно вмешување, меѓународно мониторирање, меѓутоа сериозно, со јасен мандат, тоа ќе биде само плус.