(ВИДЕО) ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА И ВО БЕРЛИН: Со луѓето кои воспоставија ваков политики режим – преговори веќе нема!

0
1485

Во главниот град на Германија, Берлин група граѓани се собра во знак на поддршка на работата на СЈО.

Тие го искажуваат својот револт од одлуките за аболиција на претседателот Иванов, бараат негова оставка и одложување на изборите закажани на 5 јуни.

Ние, група студенти, професионалци, интелектуалци и уметници кои живееме во Германија, а сме по потекло од Македонија, изразуваме недвосмислена поддршка на протестите, кои траат веќе десет дена во Скопје и кои се проширија низ повеќе градови во Македонија.

Ние ги поддржуваме протестите кои се против корумпираните државни елити кои во последната деценија ја киднапираа државата, за од неа да направат приватна своина.

Ние сме категорично против државен криминал и приватни профити со средства од државниот буџет.

Ние изразуваме јасно несогласување со аболицијата за помилување која беше изречена од претседателот Ѓорѓи Иванов, бидејќи е спротивна на Уставот и законите.

Нашиот став е дека неуставната аболиција само го потврдува своеволното владеење на власта која преку корупција, политички клиентелизам и деспотизам во последните некоку години ги сруши сите јавни институции.

Затоа, ние изразуваме поддршка за Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) кое според принципите на владеењето на правото треба да продолжи да ги процесуира сите случаи на прислушкување и останатите примери на прекршување на човековите права.

Што се однесува до политичките преговори, нашиот став е јасен – со луѓето кои воспоставија ваков политики режим – преговори веќе нема!

На македонската јавност ѝ порачуваме дека рушењето на режимот и воспоставувањето на нова политичка реалност ќе ги оствариме заедно. За тоа ни се потребни солидарност, истрајност и мирољубивост. Затоа недвосмислено ги поддржуваме барањата на движењето #Протестирам(наведени подолу) и со тоа внесуваме додатна шареноликост во нашата македонска пролет!

Бидејќи сметаме дека германските медиуми не известуваат доволно за случувањата во Македонија, решивме нашите ставови да ги покажеме и во јавност, пред Академијата на Уметностите и кај Брандербуршката порта. Текстот за нашата поддршка и барањата на#протестирам исто така ќе ги презентираме и на англиски и германски.

Иако кај нас е околу 12 степени, ви даваме огромна пролетна и шарена
Поддршка oд Берлин!