(ВИДЕО + ФОТО ГАЛЕРИЈА) Заев: По патот на мудроста на Глигоров, режимот заедно ќе го истераме, Специјалниот обвинител ќе се договори, и од тоа бегање нема!

0
1316

Обраќање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во чест на 8 септември, Денот на независноста на Р.Македонија:

https://www.youtube.com/watch?v=4LAO48wnp64

Татковина, колку убаво и гордо звучи овој збор ! Го слушнавме пред малку…

Почитувани граѓани, другари и другарки, почитувани жители на месноста Три Круши, на Кисела Вода, на другите краишта на Скопје, од другите краишта на Македонија,

Нека  ни е Среќен и вековит 8-ми септември, Денот на независноста на Република Македонија!

Изминатите месеци поминавме многу специфичен, тежок, но горд период заедно сите, рамо до рамо. И по протести и по кампови и во главниот град и во внатрешноста на Македонија, отворивме еден значаен проект којшто го нарековме Вистината за Македонија, за да ја соопштиме горката вистина за нашата земја, којашто овој режим ја наметна повеќе од девет и пол години над нашата татковина. И ред е денеска и на празници да бидеме заедно, оти борбата и битката за враќање на слободата, демократијата, правдата и европските вредности во нашата земја продолжува, продолжува заедно рамо до рамо, еден со друг, `се додека не и се радуваме и на слободата и на демократијата.

Денеска доаѓаме овде на месноста Три Круши заедно со раководството на партијата, од полагање на свежо цвеќе на гробот на покојниот прв претседател на Р.Македонија, Киро Глигоров. Дозволете да ги цитирам неговите зборови после референдумот, кога беше извојувана независноста на најдмеократски начин:

„Почитувани граѓани и граѓанки нека ви е честито на сите Вас и на сите граѓани и граѓанки на Р.Македонија, слободна, самостојна и суверена Република Македонија“.

Тоа се зборовите на претседателот наш мудар, кој во 1991 година, во време кога се раздружуваваме од бившата татковина Југославија, кога во другите земји паѓаа млади човечки животи, со трпение, со мудрост, со искуството коешто тој го имаше, од коешто мораме да учиме сите, се избори, без капка крв, без каква било жртва, да си ја добиеме независноста и самостојноста.

Слава му на претседателот Глигоров и никогаш да не го заборавиме неговото дело!

Потсетувајќи се на тој ден, пред 24 години, еве и денеска, ние го одбележуваме денот на нашата независност. Но во 24-те години, еве 9 и пол години, во април скоро 10 години ќе направиме, како не можеме отворено да зборуваме дека има слобода, дека има демократија. А, претседателот ја споемна и слободата во 91-ва година, нели?!

Се вгнездила една змија во институциите на системот којашто наша обврска е почитувани граѓани е да ја истераме.

Повторно да си ја вратиме, почитувани пријатели, и демократијата и слободата во нашата земја!

Имаме режим, хибриден режим, којшто е наметнат во нашата земја и тој мора да заврши. Па идната година на 8-ми септември во вистинска слобода да го дочекаме празникот на независноста на нашата земја.

И да ве потсетам, следејќи го патот на трпението, патот на искуството, патот на сплотеноста, патот на смиреноста на претседателот Глигоров, го отворивме проектот Вистината за Македонија и чекор по чекор, со огромно трпение, со голема верба во нашиот народ, без да дозволиме какво било насилство, на мирен начин, заедно постигнавме, големи придобивки кон заминување на ова зло што владее во Македонија.

Но овој пат, овде не застанува. Овие месеци коишто се исправени пред нас, се од исклучително драгоцено значење за нашата земја. Успеавме да договориме во Пржино одредени вредности со чијашто имплементација, верувајте, земјата чекор по чекор ќе ја вратиме во нормала, ќе добиеме повторно демократски институции, ќе ги вратиме корективите во општеството.

Тоа е само по себе значаен период до денот на изборите.

Знаете дека се изборивме да добиеме преодна Влада. Во предоната Влада којашто стартува на 20 октомври, конечна цел е заедно да ги вратиме демократските институции, но и да бидеме чувари, целото злосторство да не се повтори на денот на изборите, пред изборите, во кампањата и целиот овој период. Покрај преодната Влада ќе го дочекаме и денот околу Нова Година, Груевски да даде оставка, да замине и никогаш повеќе да не се врати.

Но дотогаш почитувани сограѓани, треба да ја видиме независна Македонската радиотелевизија, треба Агенцијата за аудиовизуелни услуги да биде навистина коректив на медиумите со национални концесии и приватна сопственост.

Дотогаш треба да ги видиме првите чекори кон независно судство. Еј, во 24 години демократска земја, повторно да имаме шанса да добиеме правда ако сме правични!

Имаме шанса сиве овие месеци да се избориме за ново изборно законодавство, за веродостоен Избирачки список.

Специјалниот обвинител овие денови ќе се договори, да немате сомнеж, бегање од тоа нема, колку и да е болно за политичките противници, ќе има Македонија специјален обвинител, којшто ќе отвори предистражна и истражна постапка за сите криминали коишто се направени сиве овие години наназад од власта.

На сите овие придобивки заедно да им се радуваме, да бидеме посветени и притисокот секојдневно да го правиме, оти овие придобивки не се придобивки од избори, овие придобивки, овие следни месеци можеме да ги постигнеме.

А верувајте, при барем силен исчекор на 50 до 70 проценти од сите обврски, ќе ја видите леснотијата со којашто Груевски ќе биде поразен. Ќе биде поразен од нас, од граѓаните, ќе биде поразен од сите родољуби, од сите луѓе коишто си ја сакаат Македонија!

Овие денови јас и дел од раководството на СДСМ ја шетаме цела Македонија, и главниот град и западниот и источниот и централниот и јужниот и северниот дел на нашата Македонија. Одиме на непосредни средби со граѓаните, не на партиски средби, директно по пазарите, по плоштадите, по чаршијата, на сред село, во населените места, насекаде.

Народот е разбуден почитувани пријатели, народот го чека моментот да се ослободи, народот е во голема надеж и очекувања дека заедно, сите сплотени и здружени, од сите етникуми, сите граѓани заедно, ќе си ја вратиме нашата Македонија повторно во рацете на народот!

Тоа време доаѓа и од тоа време бегање нема!

Но еден дел од нив, можеби и меѓу вас има такви, ме прашуваат: Како претседателе, како г-дине Заев, да дадеме сите прилог за ова за што го зборувате? Навистина да го почувствуваме и дека ќе биде така?

Во духот на трпението, на мудроста, чекор по чекор, да нема жртви, да нема лоши последици, во тој дух треба да продолжиме ја водиме сите заедно борбата. Како?

Со зборот. Со зборување. Зборувајте за тоа што го чувствувате. Зборувајте за тоа што се случува во институциите. Зборувајте за тоа што и се случува на нашата Македонија! Но, зборувајте и за надежта којашто следува после 24-ти април! Тоа е начинот на којшто ќе и помогнеме и на опозицијата што ја предводи битката, но пред `се и над `се на нашата Македонија!

Посилно од зборот, во втора декада од 21 век, нема. Зборот беше Вистината за Македонија. Доказот беше збор, зборот преточен во реченици, денес е една голема Вистина за Македонија од којашто бегање нема. Тој збор е богатството на секој кој си ја сака татковината. Отворете ги срцето и душата и зборувајте го тоа што носи душата! Само со зборување за вистината, ќе дадеме прилог сите рамноправно и подеднакво, да си ја вратиме што побрзо слободата, демократијата, правдата и европските вредности во нашата земја.

На тој начин, на тој начин ќе знаеме дека сите даваме придонес, дека сите таму кадешто можеме и колку што можеме сме вградени во нешто добро, во нешто татковинско, дека даваме прилог сите заедно, рамо до рамо.

Денес никој не може да каже дека не знае што се случува во Македонија. После `бомбите`, после Вистината за Македонија и после целиот овој процес и чекори што ги изодевме, никој нема право да се прави наудрен. Никој нема право да се прави слеп при очи, глув при уши! Затоа, слободно зборувајте оти за вистината ќе зборувате! Зборувајќи за вистината само ќе си ја сочуваме и унапредиме нашата татковина, Република Македонија!

И колку што е можно побрзо нашата држава да ја видиме членка на Европската Унија и членка на НАТО! Само во тој правец е нашата иднина и друга алтернатива за нашата земја нема!

Нека ни е Среќен и вековит 8-ми септември, денот на независноста на Република Македонија! Да сте живи и здрави и Господ да ни ја благослови Македонија!

IMG_1534 IMG_1546 IMG_1611 IMG_1623 Polozuvanje cvekje1 Polozuvanje cvekje2 Polozuvanje cvekje3 Polozuvanje cvekje4 Tri krusi Tri krusi1 Tri krusi2 Tri krusi3 IMG_1027 IMG_1152 IMG_1197 IMG_1278 IMG_1304 IMG_1377 IMG_1448 IMG_1462 IMG_1489