(ВИДЕО) Филипче: Oд утре почнува бесплатната вакцинација против грип

0
960

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и директорот на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски, денеска информираа дека бесплатната вакцинација против сезонски грип почнува од утре, петок, 22.11.2019 година.

За оваа сезона се набавени вкупно 28 илјади вакцини, кои се бесплатни и наменети за лица над 65 години, лица со хронични заболувања, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, бремени жени, како и здравствени работници, информираа од Министерството за здравство.

Центрите за јавно здравје набавија 21.000 комерцијална вакцина, кои веќе се достапни за граѓаните од понеделникот.

Ја подобруваме достапноста на бесплатните вакцини против сезонски грип и од оваа година, покрај 10-те Центри за јавно здравје, во вакцинацијата ги вклучивме и трите поликлиники: Букурешт, Чаир и Ѓорче Петров при Здравствениот дом во Скопје.

Во Центрите за јавно здравје, вакцинацијата ќе се одвива во две смени, додека пак, бесплатната вакцинација во трите поликлиники ќе се одвива во периодот од 14:00 до 18:00 часот.

Станува збор за вакцини од реномирани странски производители, меѓу кои 27 илјади вакцини се од „Mylon Abot“, а илјада вакцини од „Sanofi“.

Директорот на Здравствениот дом – Скопје, Виктор Исјановски рече дека трите поликлиники каде ќе се врши вакцинацијата ќе бидат покриени со екипи од превентивната заштита.

– Од денеска „МојТермин“ е отворен и има закажувања и од утре екипите ќе почнат со работа. Точната бројка на вакцини е меѓу 2.500 и 2.800. Овие тимови ќе бидат дополнително платени – додаде Исјановски.

Ако треба плус вакцини, ќе донираат од Центарот за истражување во САД

Во врска со тоа дали овие околу 50.000 дози вакцини ќе бидат доволни, Филипче рече дека проценката за количината вакцини против грип била направена врз основа на интересот од минатата година и сметаат дека ќе биде доволна.

– Најавена е една донација вакцини од Центарот за истражување во САД преку една нивна фондација и ако е потребно, ќе стигнат во нашата земја. Сметам дека нема воопшто простор да се плашиме дали ќе има или нема да има вакцини. Во однос на интересот вчера околу 6.000 луѓе се пријавија да ја примат вакцината – истакна Филипче.

Неподвижните лица до вакцина ќе може да ги превезе Брза помош

Тој одговори и дека ако се наметне потреба, секое лице кое е неподвижно и спаѓа во ризичните групи на што ќе укаже матичниот лекар, може да се јави на телефонскиот број 194 во Службата за Итна медицинска помош, кои ќе организираат негов транспорт до местото каде се врши вакцинацијата.

– Нема да има вакцинирање на друго место освен во пунктовите и во центрите за јавно здравје – додаде Филипче.

Како и во изминативе сезони, пикот на активноста на вирусот на сезонски грип се очекува во месец февруари, а вакцинацијата во овој период, ноември и декември ќе обезбеди најголема заштита во периодот кога се очекува активноста на вирусот да биде највисока.