(ВИДЕО) ФАНТАСТИЧНА ВИДЕО БИОГРАФИЈА ЗА НОВИОТ ПРЕМИЕР НА МАКЕДОНИЈА ВО 360˚ – Од нивата во Муртино до премиерската фотелја во Скопје – знаеме ли кој е Зоран Заев?

0
6266

Првите четири години од животот ги поминува во струмичкото село Муртино. Се гради во економист и станува прв човек на Струмица – во три мандати.

Кој е мотивот за бизнисмен да почне да се занимава со политика? Живот исполнет со успеси, обвинувања за криминал и разоткривање криминал. Денес е на чекор од премиерското столче, што го плати и со крв.

Дали можеби владеењето на една фамилија ќе се замени со владеење на друга фамилија?

„Никогаш повеќе да не се повтори и никогаш повеќе нема да се повтори тоа што и се случуваше на Македонија.“, вели Заев.

Знаеме ли кој е Зоран Заев?

Пластениците распослани низ нивјето во Муртино се основна егзистенција на овдешните жители. А опстанокот, е главна тема на муабет и пред кооперацијата во селото, од кое потекнува мандатарот за новата влада – Зоран Заев. Политичките случувања им се добро познати на сите, но, како по непишано правило, кога камерата ќе се вклучи, муабетот стивнува.

Од оние кои се охрабрија да зборуваат, слушнавме различни коментари за очекувањата од Зоран Заев.

Што очекувате од него?

„Очекуваме најдобро да биде, тоа очекуваме од него. Во Муртино земјоделците загрозени се многу.“, вели еден од жителите на село Муртино.

Очекувате да тргнат работите на подобро или на полошо?

„На полошо.“

Зошто?

„Не знам.“, вели друг жител.

Обидот за муабет го слушаше и роднина на Зоран Заев, кој е убеден дека неговиот внук од братучед ќе ја изведе земјата на подобар пат. Тој не придружуваше до куќата на Заеви, каде Зоран ги поминал првите четитри години од животот. Сега, ретко може да се види тука.

„Мајка му е од Муртино, татко му е од Муртино, тука живееја, тука пораснаа, мои се братучеди.

Многу добро дете, мислам мирно, непалаво, јас така го знам, а и не само јас, сите го знаат така. Јас не сум слушнал некој да каже дека беше лош, дека  направил ова-она лошо, слушам само добри работи за него.

Се насетуваше ли дека Зоран Заев ќе стане политичар?

Јас бев убеден во тоа.

Зошто?

Некако како се однесуваше, како настапуваше, верував во него, оти он тврдеше дека ќе биде премиер и јас бев убеден дека ќе биде премиер.

Од кога се појави таа желба кај него?

Можам да кажам откога стана претседател на партија.“ раскажуваше Душко Коцев, роднина на Заев.

Зоран Заев е роден 1974 година. Основно и средно образование завршил во Струмица. Неговата класна раководителка од средношколските денови, Билјана Витанова, го опишува како одличен математичар.

„Во него гледав дека има капацитет, има потенцијал  за математика и тука му обраќав посебно внимание и професорката физика што му предаваше.

Ретко понекои така може писмена работа поголема или помала да биде од соодветната, меѓутоа на крајот од учебната година ја завршуваше со одличен успех. Примерен ученик, ретко изостаноци, еве во некој дневник гледам ниту еден изостанок нема – ниту оправдан, ниту неоправдан.

Посебно амбициозен, тродољубив, скромен, борец за правда. Во класот кога ќе станеше некоја гужва, секогаш тој го делеше така да кажам најдебелиот крај, со тоа што сакаше да го расчисти односот, да каже кој е крив, кој е прав и да поминат без казни и едните и другите. Такви примери сме имале во секоја генерација, меѓутоа Зоки Заев се одвојуваше по оваа карактеристика негова.“, вели Витанова.

Заев дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1997 година. Љубовта од средношколските денови, Зорица, станува негова сопруга, со која има две деца Душко и Александра.

Професионалната кариера ja гради во повеќе струмички претпријатија и семејни бизниси, а во политиката посериозно влегува во 2003 година како пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ.

Во 2005 првпат победува на изборите за градоначалник во Струмица, а во 2013-та стигнува до третиот градоначалнички мандат. Во Струмица ретко кој го критикува неговото раководење со општината.

„Има доста резултати покажани од неговата работа, посебно за градот, за среденоста на паркот, и мислам дека добри успеси има покажано.“

„И така и така беше, за кој мајка, на кој маќеа…“

„Супер, супер, најдобар, најдобар.“’

„Градоначалник, најдобар воопшто што Струмица досега го имала.“, велат жителите на Струмица.

Со изборот на Заев за пратеник на последните избори, функцијата градоначалник на Струмица привремено ја презеде неговиот сопартиец Костадин Костадинов.

„Општина Струмица генерално нема никаков проблем, ниту во финансиски дел, ниту во поглед на вработување, ниту во делот на кадровски решенија којшто се однесуваат на општината.“ вели Костадин Костадинов – в.д. градоначалник на општина Струмица.

Костадинов ни открива дека Заев ја донирал сопствената плата.

„Тој ја примаше платата како личен доход, затоа што мора да ја прима, но, буквално ја даваше целата плата на граѓаните кои имаат потреба од каква била финансиска помош за каква било цел.“, вели Костадинов.

Сепак, политичката кариера на Заев не течеше без дамки. Политичките опоненети не пропуштаат шанса да се повикаат на неговите изјави за виткање на кичмата и за јадење живи луѓе. Во јули 2008-та, Заев заедно со петмина соработници е уапсен поради сомнеж за злоупотреба на службената положба при изградба на трговскиот центар Глобал во Струмица. Тогашниот претседател Бранко Црвенковски го помилува, и Заев е пуштен на слобода. По речиси три години Врховниот суд донесува пресуда со која е утврдено дека изградбата на трговскиот центар била чиста.

Во 2013-та Заев застанува на чело на СДСМ, откако Црвенковски се повлекува поради лошиот изборен резултат на локалните избори. Не ги признава резултатите од парламентарните и претседателските избори во 2014-та, со што почнува политичката етапа која трае до денес.

Во 2015та го објавува најголемиот скандал во историјата на независна Македонија.

„Во Македонија, само во период од неколку години се прислушувани над 20 000 граѓани. Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него.“, обелодени тогаш Заев.

На низа прес-конференции, со објавување прислушувани разговори, Заев обелоденува сомнежи за сериозни злоупотреби од Груевски и неговите соработници.

Додека се подготвува да ги објави „бомбите“, против него се отвора постапката „Пуч“, во која тој и уште петмина се товарат за насилство кон државните органи и уставниот поредок. Од сите осомничени, само Заев не е приведен.

Подоцна, Специјалното јавно обвинителство го повлекува обвинението за Пуч, со образложение дека обвинителниот акт е во спротивност со доказите што тие ги поседуваат – дека прислушувањето е наредено и реализирано во УБК, а не од странски служби.

На вонредните парламентарни избори во декември 2016-та година Заев со СДСМ освојува 49 пратенички места. Иако има два мандата помалку од ВМРО-ДПМНЕ, Заев има поголем коалициски капацитет и шанси за формирање нова влада.  Тоа подоцна и се потврди.

Тој е вториот струмичанец, по Борис Трајковски што ќе дојде на висока државна функција.

Ова е споменикот на Борис Трајковски во градскиот парк во Струмица. Трајковски, кој загина трагично во 2004, ја водеше државата во тежок период и понесе голем товар за мировниот процес во 2001 година. И Заев доаѓа за премиер во време на поделено општество по многу основи, со големи очекувања на граѓаните кои бараат резултати во краток рок.

Трагите од крвавиот четврток се уште се на неговото лице, а го побаравме да го прашаме кој е мотивот за еден бизнисмен да го изоди овој политички пат и дали вредеше?

„Муабетот и дома беше дека вака не може понатаму, без разлика колку се успешни фирмите, колку добро работат, колку се меѓународно признати, нема среќа во едно семејство кога се околу нас е несреќно.

Неспокојот што го наметна животот од времето во кое живееме, веројатно беше причината да се впуштам во предизвикот, за да си ја вратиме државата повторно во нормала.“, вели Заев.

Го прашавме дали владеењето на една фамилија ќе се замени со владеење на друга фамилија?

„Јас имам семејство со коешто се гордеам. Многу често и тоа беше цел на напад, на атак од моите политички опоненти, тие ми помагаат многу во мојата политичка кариера, но никој од нив нема политички аспирации, за која било функција. Нивните аспирации се навистина семејните фирми да растат, да имаат уште повеќе вработени, да може да дадат уште поголема плата и нормално да си заработуваат профит кој ќе ја зголеми таа проширена репродукција која е нормална за секоја една приватна фирма, така да сигурно нема да биде една фамилија, заменета со друга, од прости причини што ние ветивме одговорна власт.“, вели Заев.

Дали ќе бидете достапни за Судот во следниот период како премиер, бидејќи досега се случуваше на рочишта за случајот „Поткуп“ да бидете отсутен?

„Еве вака јас сум бил само отсутен тогаш кога неопходно насушно сум морал да бидам отсутен. Бев постојано на рочиштата и по предметот Поткуп и по предметот Пуч којшто се водеше и порано, а кој веќе е затворен. Главен принцип на формирањето на нова Влада е партиите што ќе учествуваат во новата Влада да бидат пример дека законот важи еднакво за сите. Тоа е минимум шанса која мораме да ја дадеме на враќањето на правната држава и правото во Република Македонија. Тоа значи дека политичарите од власта треба да одговараат еднакво како сите, доколку се огрешиле пред Законот, па според мене и малку повеќе.“, тврди тој.

Што очекуваат неговите струмичани од Заев како премиер?

„„Ништо, денеска кажува така, утре овака, значи не, ништо не очекувам од него.“

„Перфектен човек, од друга страна мислам дека е добар бизнисмен, економист. Јас очекувам дека Македонија може само добро да добие, а никако лошо.“

„Ништо не очекувам.“

„Се надевам дека ќе биде подобро за цела Република Македонија, за сите жители. Господ нека е на помош на сите, и на нас кои сме тука и на тие што треба да го водат народот.“, велат струмичани.

Извор: 360 степени